Чулев не побарал да држи прес конференција во Владата, тоа се детски игри, па и тоа дека не сум бил во во вибер групата на владата, да не правиме забава за граѓаните, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски вечерва на Канал 5 одговараќи на прашање да ги коментира обвинувањата од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој на прашање за недостигот од пасоши рече дека постојат аргументи, документи и факти, кои спротивно на тврењата на министерот Чулев, ќе покажат дека проблемот бил предизвикан поради погрешното менаџирање откако се дознало дека немало патни исправи.
Според техничкиот министер Наќе Чулев, причината за проблемот е лошото планирање на службите. Тој интервенирал кај поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но тврди дека не наишол на разбирање.
– Целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски, кој бил должен да преземе мерки со кој ќе се спречат овие дејствија. Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасците за личните документи и тоа е единствената причината поради која до ден денес не е решен проблем со недостаток на обрасци и издавање на лични документи што ќе предизвика и понатамошни последици – обвини Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи.