Спасовски: При утврдување на датум за избори да се почитуваат роковите од уредбата за запирање на изборите
Спасовски рече дека датумот на изборите треба да биде донесен според одлуката на Уставниот суд за владината уредба за стопирање на изборниот процес.
Изборните дејствија ќе продолжат во моментот кога ќе заврши вонредната состојба, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски.
– Нам ни преостануваат уште 22 дена во рамки на Уставниот рок од 60 дена од распуштање на Парламентот до одржување на изборите, така што вонредната состојба го детерминира датумот на изборите. Вонредната состојба завршува во сабота, денеска сме среда, имаме уште денови за да донесеме одлука. А кога ќе ја донесеме ќе ве известиме благовремено – рече Спасовски.
Спасовски рече дека датумот на изборите треба да биде донесен според одлуката на Уставниот суд за владината уредба за стопирање на изборниот процес.
– Политичките лидери треба да имаат предвид дека кога донесоа одлука за одлагањето на изборите, се донесе Уредбата со која се одложија изборите и денеска треба да знаат дека се детерминираат изборите од денот на завршувањето на вонредната состојба. Дваесет и два дена откако ќе заврши вонредната состојба треба да се одржат изборите – појасни Спасовски.
Спасовски очекува лидерите на партиите да се однесуваат според тие рокови.
– . Јас затоа очекувам дека би имало дијалог помеѓу политичките партии, помеѓу лидерите на политичките партии и на основа на тој дијалог да се носи одлуката во рамките на роковите коишто се предвидени – рече Спасовски.