Спасовски на видеоконференција за Западен Балкан: Повеќе не одложувајте, без разлика на актуелната криза
Уверен сум дека заедно со сите вас, овие денови, во услови кога Светската здравствена организација прогласи пандемија заради глобалната проширеност на Корона вирусот, ги делам грижата и вознемиреноста на граѓаните на сите наши земји, рече премиерот Оливер Спасовски на видео конференција за Западен Балкан под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц.На конференцијата Спасовски е придружуван од вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Македонија прогласи кризна состојба во две општини. Бројот на потврдени позитивни случаи на заразени со Корона вирусот изнесува 23 лица, а 2 лица кои се позитивни на Корона вирус на тест направен на приватна клиника, во текот на овој ден повторно ќе бидат тестирани во Институтот за јавно здравје. Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на корона вирусот – рече Спасовски.
Тој информира дека сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акцискиот план за оперативна имплементација на Одлуката за постоење на кризна состојба се на терен.
Тој оцени дека сме подготвени како општество за институционален одговор за оваа ситуација.
– Ова е време кога секоја земја треба да има свој автентичен одговор, но корона вирусот покажа дека не познава граници и дека не можеме да ставиме стаклено ѕвоно над било која од нашите држави.
Заканата од пандемијата со која се соочуваме ја покажува важноста на меѓународната соработка. Светот е поврзан. Поврзаноста е еден од најсилните аргументи и причини за силни економски врски, за слободен пазар и за слободна комуникација и соработка. На тие основи е поставен и економскиот и социјалниот напредок на секоја земја. Затоа сега е исклучително важно и за заеднички решенија за заедничкиот предизвик. Заедно, сите влади во светот да работат на заштита на економиите, на проширување на јавните инвестиции и на обезбедување поддршка за најранливите. Ниту една земја не може да го стори тоа сама – смета Спасовски.
Тој потенцира дека сега сега е најважно пандемијата да се стави под контрола, а потоа и да се запре.
Тој посочи дека Македонија ги прифати и ги практикува европските вредности.
– Во него уште еднаш е констатиран значаен напредок во остварувањето на законските реформи и во нивното спроведување кои беа наша домашна задача. Со констатацијата за значајниот напредок за нашата земја, Европската Комисија по 11-ти пат на Европскиот Совет му препорача да одобри почеток на преговори со Република Северна Македонија. Одлуката за започнување преговори е неопходна како признание и валоризација на значителниот напредок постигнат во изминатите 3 години. Тоа ќе ја потврди политичката зрелост на земјата и на вложениот капитал во европската перспектива. Тоа е важно и за граѓаните, за нивната доверба во вредностите и принципите на ЕУ и, конечно, за нивното вклучување и придонес во процесот, како експерти, интелектуалци, професионални во секоја област на преговорите. Неопходно е сите земји-членки да разберат дека сите натамошни одложувања и дополнителни услови дадени на процесот се еднакви на драгоцено изгубено време во однос на реформите во ЕУ за целиот регион – рече Спасовски.
Според него, отворањето на пристапните преговори ќе биде во согласност и со новата методологија за проширување како стратегија на Европската комисија за зајакнување на процесот на пристапување и за кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан.
– Дозволете ми да завршам велејќи дека планот на ЕУ за регионот треба да биде – повеќе не одложувајте! Без разлика на актуелната криза – рече премиерот.