Спасовски на Самитот ЕУ – Западен Балкан: Подготвени сме за преговори со новата методологија ВИДЕО

523
Северна Македонија во последните три години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и под ваше водство добивме одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори, истакна премиерот Оливер Спасовски
во обраќањето на пленарната сесија на видеоконференцијата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан – Загреб 2020.
Премиерот Спасовски, заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше во работата на Самитот кој оваа година се одржува во организација на Хрватска, како актуелен претседавач на Европската Унија, а поради пандемијата со ковид-19 организиран е онлајн.





Во обраќањето на Спасовски, кое го пренесе владината прес-служба, премиерот истакна дека сме подготвени за следните чекори и, како што рече, ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно со новата методологија.
– Би сакал во оваа прилика уште еднаш да ве уверам дека Северна Македонија ќе остане посветена на фундаменталните реформи и ќе продолжи да придонесува за Европската безбедност. Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка Европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки – истакна Спасовски.
Лидерите на земјите членки на Европската Унија и лидерите за земјите од Западен Балкан на Самитот дискутираа за соработката за справување со КОВИД-19, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.
Во контекст на пандемијата во изминатите месеци, Спасовски во обраќањето истакна дека заразата сите заедно нè соочи со суров избор помеѓу животот и смртта на нашите граѓани и опстанокот на нашите економии. Според него, Загрепскиот самит се случува во вистинско време, кога Европа најпосле забележува намалување на ширењето на заразата и олабавување на рестриктивните мерки.
-За момент можеме да здивнеме и да ги направиме првите биланси но и да поразговараме за идните очекувања и заеднички чекори. Сакам да изразам искрена благодарност до нашите хрватски пријатели, лидерите на ЕУ институциите и лидерите на земјите членки на ЕУ за можноста да го одржиме овој самит макар и во видеоконференциска форма, што стана наша секојдневна реалност. Овој „загрепски“ самит е симболичен бидејќи точно пред 20 години, исто така, во Загреб беше одржан првиот од серијата самити на кои се отвори европската перспектива за земјите од регионот, рече претседателот на Владата.
Новиот коронавирус предизвика пустош и нè соочи со несогледливи предизвици, додаде Спасовски, но донесе и нешто позитивно – јасно покажа дека Европскиот континент има заедничка судбина. Начинот на справување со заразата, рече премиерот,  покажа дека споделуваме иста административна култура и пракси но го подвлече и високото ниво на социоекономска меѓузависност помеѓу ЕУ и економиите на ЗБ, како и помеѓу земјите во самиот регион.
Во оваа пригода Спасовски се заблагодари за, како што рече, видливо демонстрираната солидарност и помош од страна на ЕУ во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социоекономските последици, како и макро финансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување.

– Високо го цениме и обезбедениот пристап без преседан до останатите ЕУ механизми и инструменти како и заедничките напори безбедно да ги вратиме нашите затекнати граѓани дома. Благодарни сме што на овој начин ЕУ ги третира нашите држави како да сме речиси дел од Унијата. Тоа ни дава чувство на сигурност дека заедно ќе се справиме со товарот на кризата. Ковид-19 заразата несомнено ќе продолжи да ја тестира нашата одлучност и сега најважно е да ги фокусираме напорите за опоравување и надминување на економско социјалните последици кои се длабоки во сите наши земји – рече македонскиот премиер.

За најавениот Економски и Инвестициски план за Западен Балкан од страна на Европската комисија кој се планира да биде објавен наесен, Спасовски истакна дека ќе биде од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот на Западен Балкан.

 

Во обраќањето тој  издвои неколку проекти кои делумно веќе се планираат или спроведуваат: Проекти за транспортно поврзување со нашите соседи и тоа во железничкиот сообраќај со Бугарија и Албанија и автопатниот сообраќај со Косово; Енергетскиот гасен интерконектор со Грција;  Развој на дигиталната економија и на зелениот раст и Поттик на трговијата и туризмот во регионот на Западен Балкан.

Поврзани содржини