Спасовски најави нови економски мерки по 1 Мај
Влада ќе направи се што треба за да помогне на компаниите и граѓните во наредниот период, рече тој.
Никаде во светот во државите не е прашање дали ќе има пад на економијата. Тоа е сосема нормално во едни вакви услови. Прашањето е да се преземат мерки кои ќе помогнат во овој момент на економијата и ќе ја доведат, би рекол жаргонски, во низок старт за да може во одреден момент да стартуваме и да имаме добра економска соработка, изјави премиерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција коментирајќи ги предвидувањата на ММФ дека годинава економијата ќе бележи пад од 4 отсто, а следната раст на економијата од 7 отсто.
– Ние соопштивме веќе дека побаравме поддршка од ММФ, ја добивме таа поддршка значителна, така што и на секој можен начин ќе се трудиме да обезбедиме што е можно повеќе финансиски средства што ќе ги насочиме токму во тој дел на реализација на важни капитални инвестиции заради тоа што тие придонесуваат за поттикнување на економската активност, да се осигура јавната и приватната потрошувачка во овој момент тоа е многу важно – рече Спасовски.
Тој информира дека денеска разговарал со директорот на ЕБОР за пакетот за солидарност којшто тие го нудат како поддршка на проекти и на локалните самоуправи, на локалните заедници.
– Како влада сме определени да можеме да искористиме се што треба да се искористи во делот на поддршка на Буџетот, поддршка на државата, на развојот на се што е економија и поддршка на граѓаните – рече Спасовски.
За тоа дали државата прави анализи за загубите во туризмот и кои се плановите, Спасовски потсети на донесените мерки.
– Ние утврдивме два сета на мерки. Во првиот економски сет беа вклучени сите компании кои што се занимаат со туризмот за да може уште од самиот почеток да имаат можности за обезбедување финансиски средства за ликвидност. Вториот сет мерки може да го користаст сите компани без разлика од која индустрија доаѓаат, а ќе може да ги користи и туризмот -рече Спасовски.
Тој најави дека ќе има потреба и од нови мерки.
– Секако дека најверојатно ќе има потреба за носење нов сет мерки, меѓутоа посебно ќе треба да се носат и нов сет мерки кои ќе значат поддршка на туризмот, односно како и на кој начин да ја намалиме штетата која ќе ја претрпи оваа индустрија. Влада ќе направи се што треба за да помогне на компаниите и граѓните во наредниот период – рече тој.