Во април и мај компаниите кои ќе ги исполнат условите што сега ги прецизира Владата ќе добијат финасиска помош во минимална плата, најави вечерва техничкиот премиер Оливер Спасовски во интервју на „Само вистина“ на Канал 5.
Тој потенцира дека државната помош ќе ја добијат само оние компании кои целосно ќе ги исполнат условите, а како пример наведе да немаат отпуштено вработени откако земјава е во кризна состојба поради коронавирусот. Од мерката ќе бидат исклучени сите фирми кои ќе даваат дивиденти и бонуси. Другите услови допрва ќе бидат обелоденети.
Спасовски смета дека економските мерки што ги крои владата не се задоцнети и најави дека во наредиве неколку денови ќе бидат гототви со цел, како што рече, да имаат предвидливост компаниите.
Премиерот најави помош и за медиумските работници кои, според него, се наоѓаат на прва борбена линија и помагаат во справувањето со оваа криза.
– На нас ни е многу важно медиумите да функционираат во овој момент. Да функционираме сите заедно да помогнеме во делот на кризата. Секако дека ќе имаме мерки и во делот на медиумите. Јас знам дека веќе има одредена финансиска помош од АВМУ. Се што е помош од државата е помош од државата. Така да тоа е еден дел од помошта , нема медиумите да бидат изоставени од оваа помош заради тоа што сметам дека и тука треба да се помогне да може тие да функционираат – рече Спасовски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неодамна најави дека со вкупна вредност од 200 милиони евра партијата подготвила економски пакет со кој треба да им се помогне на бизнисот, на граѓаните и на целата економија. Тој појасни дека мерките ќе бидат доставени до Владата, каде што ќе се одлучи дали ќе бидат усвоени.
Тој предложи за април и за мај државата да обезбеди минимални плати за вработените во сите фирми кои ќе бидат погодени од кризата. Фирмите само ќе си ги платат придонесите, а според Заев станува збор за 99 шифри на дејност, односно безмалку половина од нив се погодени од кризата.
– Средства за заштита има доволно. Имавме доволно количина и на маски и на раквици и на заштитна опрема и ги имаме и сега. Факт е дека тие маски, таа заштитна опрема мора да се употребува според правилата, според алгоритмите коишто ние ги имаме – информираше Спасовски во интервју за Канал 5 телевизија, прашан за тоа дека се пишувало дека недостасува заштитна опрема.
– Секој сега објавува на фејсбук или сака да направи некаква сензација заради тоа што во вакви кризи нема простор за профитерство. Кога зборувам за профитерство, зборувам и за оние коишто сакаат економски да профитираат и оние коишто сакаат да профитираат во делот на политиката и оние коишто сакаат да профитираат во делот на медиумите. Јас разбирма дека секој гледа нешто да добие од оваа криза какок профит. Тој што мисли дека ќе профитира на грбот на здравјето на граѓаните нема резултати, нема успех – истакна Спасовски.
Информираше дека очекуваат да добијат дополнителни средства од помош и донации кои се побарани од страна на Владата и дека тие ќе пристигнуваат.
Во однос на пишувањата дека не се правеле доволно тестирања од коронавирисот, премиерот рече дека неможе секој да кажува во државата, како и на кој начин ќе се прават тестовите.
– Пристапот на македонското здравство во справувањето со овој вирус е врз основа на сето она што се носи како одлука на Комисијата за заразни болести. И затоа има посебни алгоритми коишто се дадени од СЗО во делот на тестирањето. Се прават тестирања и се прави поголем скрининг и се зголемвуа обемот на тестирање таму каде што навистина имаме потреба од тоа да го правиме. Тестови набавуваме и тие се испорачуваат така како што има потреба. Значи државата има тестови и има капацитети – истакна Спасовски.
Појасни дека се окрупнуваат и капацитетите на лабораториите бидејќи во моментов се ограничени.
– Затоа ги соединуваме лабораториите коишто можат да помогнат. Приватните се вклучуваат. Клиниката Жан Митрев се вклучи . Се вклучуваат и други. Тие прават тестови и сега не се на сметка на Фондот, меѓутоа сите резултати ги прибираат заедно во Министерството – појасни премиерот Спасовски и додаде дека е многу важно да не ни се случува тоа што се случува кај многу од државите да влегувме во масовен скрининг, да не се покажуваат позитивни тестови на одредени граѓани за да по неколку дена заради тоа што требало да помине неколку дена за инкубација, да се појавуваат позитивни случаи коишто ќе можат да го шират вирусот.