Спасовски-Кожуваровска: Соработката на РСБСП и МВР се реализира на високо ниво
Изминативе години Министерството за внатрешни работи самостојно, но и како партнер со РСБСП, беше дел од многу кампањи од областа на сообраќајот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска.
Од Министерството за внатрешни работи посочија дека целта на денешната средба било утврдување на видот и количините на опрема што РСБСП во наредниов период ќе ја обезбеди како донација за надлежните сообраќајни единици во МВР за зајакнување и модернизирање на уредите и опремата во делот на сообраќајот.
Изминативе години Министерството за внатрешни работи самостојно, но и како партнер со РСБСП, беше дел од многу кампањи од областа на сообраќајот.
– Превентивното делување фокусирано на повеќе нивоа, почнувајќи од децата и младите, па се до интензивирањето на сообраќајните контроли низ целата држава, е неопходно и дава позитивни резултати, рече министерот Спасовски, изразувајќи задоволство од досегашната соработка со РСБСП со надеж дека истата и во наредниов период ќе биде интензивирана.
Кожуваровска на состанокот истакна дека соработката на РСБСП и МВР се реализира на високо ниво, потенцирајки дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет и дека само со заедничка соработка и со комбинација од превентивни и репресивни мерки може да се придонесе за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.
Сообраќајната полиција при МВР во наредниов период интензивно ќе постапува на терен и ќе работи на подигање на безбедноста на сообраќајот на едно повисоко ниво – притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.