Спасовски излезе да провери како тече полицискиот час
Тој уште еднаш упати апел до секој граѓанин да се однесува одговорно, да остане дома и да не излегува без нужна потреба.
Претседателот на Владата. Оливер Спасовски, во придружба на дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, вечерва направија увид на неколку полициски пункта непосредно по стартувањето на одлуката за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија од 21 до 6 часот наутро.
– Ова е моментот кога за првпат во историјата воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на коронавирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно. Граѓаните да ја почитуваат мерката и укажувањата на овластените полициските службеници. Многу е важно е да се почитуваат и укажувањата и рестрикциите и за дневни движења. Одговорноста е на сите нас. Не е само на здравството, на полицијата, на Армијата, туку оваа мерка треба да ја почитуваат сите граѓани на нашата земја. Колку поодговорно се однесуваме, толку поодговорно ќе се справиме со целата оваа ситуација – рече Спасовски.
Тој уште еднаш упати апел до секој граѓанин да се однесува одговорно, да остане дома и да не излегува без нужна потреба.
– Сакам да се заблагодарам на здравствените работници, на сите полицајци, на Армијата, на пожарникарите, на комуналните претпријатија, на новинарите. Сите сме заедно на фронтот на битката за здравјето, за животот на граѓаните. Сакам да бидеме сплотени, единствени, да ги почитуваме одлуките на институциите, да се држиме заедно и да останеме здрави и да победиме во оваа битка – рече Спасовски.