Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче денеска не присуствуваат на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, кој почна во 12 часот и на кој требаше да се разговара за продолжување на вонредната состојба во земјава за наредните 30 дена.
Отсуството на премиерот Спасовски, на Османи и на министерот Филипче од оваа седница, за Плусинфо го потврдија од Кабинетот на претседателот.
Тројцата вчера беа на состанок со кумановскиот градоначaлник Максим Димитриевски, кој денеска соопшти дека е позитивн на ковид-19 и дека е во изолација.
Наскоро ќе се знае дали на ковид-19 ќе се тестираат Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерот Бујар Османи и неколку други лица.
„По потврдата дека градоначалникот на Куманово е позитивен на ковид-19 и поради тоа што вчера имавме средба со општинскиот кризен штаб во Куманово, иако јас бев заштитен со маска и со ракавици, за што епидемиолозите сметаат дека е доволна заштита, одлучив денеска да не одам на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот и да се изолирам до вторник кога ќе треба да се направи тестирање според протоколот“, напиша Османи на својот профил на Фејсбук.
Тој му посака на градоначлникот на Куманово, Максим Димитриевски, како и на сите заразани граѓани, брзо опоравување и што побрзо сите заедно да излеземе од оваа ситуација.