Спасовски: Честит Св. Кирил и Методиј, честит Рамазан Бајрам!
Со денешниот празник, Денот на сесловенските просветители, потенцира Спасовски, одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Северна Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
Во име на Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, им го честита на сите граѓани државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители, како и на сите граѓани од исламска вероисповед им го честита големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам.
Со денешниот празник, Денот на сесловенските просветители, потенцира Спасовски, одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Северна Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
– Темелот на овој процес е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, тие и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата охридска школа, вели во честитката премиерот Спасовски.
Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, подвлекува, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена.
Во тој дух, стои во честитката, ние денеска можеме да кажеме дека оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест.
Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа.
– Во време кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, и кај нас и во светот се наметнува неопходност за една нова нормалност со поинаков начин на функционирање, вклучително и во образованието. А токму наследството кое ни го оставија Светите браќа Кирил и Методиј не потсетува и обврзува на потребата од визионерство во организирањето на образовниот процес преку употребата на алатки што ги нуди современата технологија. Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!, истакнува во честитката премиерот Спасовски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на сите граѓани од исламска вероисповед им го честита големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам.
Спасовски, во видео честитката, порачува дека годинава Рамазан Бајрам, како празник на обновата на духовната сила има посебно значење заради пандемијата на КОВИД-19 и повикува на почитување на препораките за да се заштитиме себе си, нашите блиски и сите околу нас
– На сите припадници на Исламската вероисповед во нашата земја, во мое, и во име на Владата на Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам.
Оваа година Рамазан Бајрам, како празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност, има посебно значење заради актуелната здравствено-економска криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.
Светиот месец Рамазан е најблагородниот и најсреќниот месец за граѓаните од исламската вероисповед.
Крајот на постот и дарбите што се стекнуваат за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, ги украсуваат верниците со дух на трпение, несебичност и дарежливост за да се споделат благодатите на празникот со членовите на семејствата, роднините, пријателите и соседи, се вели во честитката од премиерот Спасовски.
Во овие услови, порачува Спасовски, Рамазан Бајрам не повикува да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза, и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме заедно по патот што го избравме, здружено и единствени.
– Градиме заедно едно општество за сите граѓани, со еднакви шанси за секој и знам дека само заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме сите, па и овие последиците од кризата.
Во духот на празникот Рамазан Бајрам како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата, да ги почитуваме препораките за предострожност и заштита со носење на заштитна опрема и за одржување безбедна физичка дистанца. Оваа година да прифатиме дека со почитувањето на здравствените безбедносни препораки ќе се заштитиме себе си, нашите блиски и сите околу нас.
На крајот дозволете ми да ви посакам празничните денови да ги поминете во радост и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила!
Бајрам Шериф Мубарек Олсун – Нека биде благословен и честит празникот Рамазан Бајрам, се вели во честитката од премиерот Спасовски.