Спасовски ја посети болницата во Куманово заедно со Османи, Филипче и Адеми (ВИДЕО)

На средбата беше разговарано за моменталната состојба во болницата и беа разменети искуства за надминување на тековните проблеми.

329

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, придружуван од вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование и наука Арбер Адеми, денеска остварија средба со епидемиолозите и директорката на Општата болница во Куманово Снежана Захариева.






На средбата беше разговарано за моменталната состојба во болницата и беа разменети искуства за надминување на тековните проблеми.

Премиерот Спасовски истакна дека во Куманово е остварен најголем процент на направени тестови.

– Со континуираните заложби што ги прават лекарите и медицинскиот персонал во болницата, заедно со епидемиолозите во Центарот за јавно здравје во општината и матичните лекари, ќе успееме да застанеме на патот на ширењето на вирусот. Уште еднаш апелирам да се почитуваат препораките за физичка дистанца, особено зашто ни претстојат Велигденските празници. Така најмногу ќе му помогнеме и на здравствениот персонал во Куманово кои се во првите редови во справувањето со коронавирусот – истакна во својата изјава за медиумите премиерот Спасовски.

Премиерот Спасовски и министерот Филипче упатија честитки за досегашната работа на целиот тим во болницата за досегашното успешно справување со коронавирусот, и истакнаа дека од средбата заминуваат со сознанија кои ќе помогнат како да се постигне поголема ефикасност во справувањето со епидемијата во општината, како и за дополнителните можности за зајакнување на персоналот во болницата.

По средбата изјава за медиумите даде и директорката на Општата болница во Куманово, Снежана Захариева.

Поврзани содржини