📽️ СПАСИ ДЕВОЈКА ОД САМОУБИСТВО, ПА ГО НАГРАДИЈА ЗА ХЕРОЈСТВОТО Признание за полицаецот од Тетово од министерот Тошковски
Полицаецот Беким Исмани доби признание за својата храброст откако спречи млада девојка да изврши самоубиство во тетовски мотел.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска оствари средба со полицаецот Беким Исмани, кој вчера спречи трагедија во Тетово и го спаси животот на млада девојка во тешка психолошка состојба. Исмани покажа исклучителна храброст и присебност, влегувајќи во хотелска соба каде девојката се заканувала дека ќе се фрли од прозорец, држејќи нож во рака. При интервенцијата, тој беше полесно повреден.
= Станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност. Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот – истакна Тошковски.
Министерот најави дека ќе го награди Исмани во рамки на законските можности, како признание за неговиот професионализам, храброст и несебична реакција.
– Вистинската сила на полициската професија се гледа токму во најтешките моменти – додаде Тошковски со посебен акцент на човечката страна на полициското делување.
Вчера во еден мотел во Тетово се одвиваше драма кога млада девојка се закануваше дека ќе скокне од прозорецот на собата и ќе си го одземе животот. Случајот бил пријавен од мажот Л.К., кој изјавил дека по недоразбирање, девојката не сака да го напушти мотелот. Кога пристигнале, полицајците ја затекнале девојката како стои на работ од прозорецот, со остар предмет во рака и закана дека ќе се самоповреди или ќе скокне.
По наредба на јавен обвинител, полициските службеници ја разбиле вратата и навреме ја спречиле да го реализира својот обид. Таа е хоспитализирана во Клиничката болница во Тетово. Полицијата го приведе мажот Л.К. под сомнение за посредување во проституција. Во акцијата полицаецот Беким Исмани беше полесно повреден.