🎥 „СПАЈС ГРЛС“ ЈА ОТКАЖАА ПОВРАТНИЧКАТА ТУРНЕЈА Фановите се надеваа на враќање на бендот за 30-годишниот јубилеј
Држам палци дека ќе ги видите „Спајс Грлс“ заедно во некој момент во иднина, рече пејачката Мелани Чисхолм, позната како Мел Си откако објави дека плановите за повратничка турнеја на легендарната женска поп-група во 2026 година официјално се откажани.
Во гостување во австралиската емисија „Smallzy“, пејачката Мелани Чисхолм, позната како Мел Си, јасно изјави дека годинава нема да дојде до повторно обединување на познатиот женски поп-бенд „Спајс Грлс“ со останатите членки – Викторија Бекам, Џери Халивел, Мелани Браун и Ема Бантон.
– Не, нема повторно обединување – изјави Мел Си, ставајќи крај на шпекулациите кои подолго време кружеа во јавноста.
Сепак, пејачката не ја исклучи можноста групата повторно да се собере во иднина.
– Постојано сме во контакт. Би сакале да направиме нешто заедно. Кој знае кога, но останувам оптимист дека ќе нè видите повторно – додаде таа.
Инаку, 2026 година требаше да биде значајна за бендот, бидејќи се одбележуваат 30 години од нивниот почеток и успех со хитот „Wannabe“, како и три децении од објавувањето на албумот „Spice“.
Последниот заеднички настап на „Спајс грлс“ беше во 2012 година, на церемонијата на затворање на Летните олимписки игри во Лондон. Оттогаш, секоја од членките ја продолжи својата кариера поединечно.
За време на гостувањето во октомври 2025 година на „Радио Енди“, Бекам ги сподели своите мисли за повторното обединување со своите пријателки и рече дека ѝ се допаѓа идејата тие да настапат заедно во „Sphere“ во Лас Вегас.