Возачите смеат да возат во автобус најмногу 30 патници, ако се полни не запираат на постојка

Од денеска јавниот превоз ќе почне да сообраќа од 5 часот, односно како и вообичаено, по саботен возен ред, велат од претпријатието.

2,233

Во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои можеше да се забележи значителен број на луѓе кои се обидуваат влезат во возилата на ЈСП-Скопје, што е спротивно на мерките на Владата, па поради тоа Плусинфо упати прашања до ова претпријатие дали ја следат состојбата на теренот.

– Да, ситуацијата на терен постојано се следи – велат од ЈСП.






Поради поплаките на граѓаните за проблемот по воведувањето на новиот возен ред од страна на ЈСП, дали претпријатието има во план воведување на поголем број возила во ударни термини, кога одат луѓето на работа и кога се враќаат.

– Токму од тие причини, од денеска, вторник, на линиите 2, 5, 11, 22, 57, 61, 62, 63 и 67, во утринските часови ќе сообраќаат зголемен број на возила, со цел да се избегнат гужвите кои беа регистрирани утринава во фреквентните часови. Ве информираме дека од денеска со оглед на најновата одлука на Влада на РСМ за забрана за движење на населението во период од 21-05 часот, јавниот превоз ќе почне да сообраќа од 5 часот, односно како и вообичаено, по саботен возен ред – ни изјавија од претпријатието.

Владата донесе зголемените мерки со цел спречување на ширењето на коронавирусот, па поради тоа возачите на автобуси имаат добиено препораки како да се однесуваат при нивното спроведување.

– Во меѓувреме, возачите имаат обврска во возилото да одржуваат максимален број на патници до 30 лица, односно доколку проценат дека во даден момент има повеќе, не застануваат на станица, сѐ додека во возилото нема оптимален број патници – додаваат од ЈСП.

На социјалните медиуми можеше да се прочита дека контролорите на ЈСП не биле заштитени, а со тоа се изложени да заболат од новиот Ковид-19 вирус, но ова беше демантирано до страна на јавното претпријатие.

– Сите контролори имаат добиено заштитни маски и ракавици истовремено и препораки како да се однесуваат за време на извршување на своите обврски за контрола на билети – рекоа од ЈСП.

Претходно, како од Јавното претпријатије, но и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, неколкупати објавуваа дека возилата на ЈСП Скопје секојдневно се дезинфицираат со цел пречувањето на ширењето на коронавирусот, па поради тоа од ЈСП велат дека возилата се чисти и подготвени за превоз на патниците, но препорачуваат и оние кои ги користат да ги почитуваат мерките за заштита на сопственото и здравјето на останатите.

Поврзани содржини