ЈСП ВО ПАНИКА Јавниот превоз бара субвенции и замрзнување на цената на метанот
Директорот на ЈСП побара од Регулаторната комисија за енергетика да ја замрзне цената на метанот на ниво од декември и побара централната власт да субвенционира дел од разликата во цената.
В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Иван Илиевски денеска извести дека новата цена на метанот која на светските берзи порасна на 110 денари ќе се одрази врз работењето на претпријатието.
Како што појасни тој на денешниот брифинг, цената на метанот на 31.12.2021 година беше 50 денари за килограм, а новата цена е 110 денари. Со ова, разликата ќе биде околу милион евра дополнителен трошок за јавното претпријатие.
– Ако лани се потрошиле 55 милиони денари за метан, во 2022 ако остане цената на метанот 110 денари, ако не оди погоре, ќе биде околу 121 милион денари или 60 милиони повеќе, негде околу милион евра разлика во цена што е голем удар за работењето на јавното претпријатие – нагласи Илиевски.
Затоа, тој побара од Регулаторната комисија за енергетика да ја регулира цената на метанот, односно да се замрзне нивото на цената од декември и побара како единствена и најбезболна опција централната власт да субвенционира дел од разликата во цената.
– Во овој момент барам помош и субвенција од Владата и исто така регулирање на цената на метанот за македонскиот пазар. Регулаторна комисија да се вклучи, да донесе некоја одлука за замрзнување на цените заклучно со цената на метанот на 31.12.2021 година – рече Илиевски.
Ако Владата не прифати да субвенционира дел од разликата во цената, ЈСП ќе побара дополнителни субвенции од Градот за да може да го надмине проблемот на работењето на претпријатието. Крајна опција, во случај да не ја добијат бараната помош е редуцирање на возниот ред.
Илиевски информира дека ЈСП во моментов располага со 33 автобуси кои возат на метан и годишната потрошувачка на метанот за 2021 година е милион и сто килограми метан. Километражата што овие автобуси ја поминуваат е околу 900.000 километри на годишно ниво.
Во моментов не се размислува за покачување на цената на билетот, ниту да има рестрикции на линиите, но исто така нема да има намалување на користењето на автобусите кои возат на ЦНГ, бидејќи, како што нагласи, еколошкиот момент е поважен од економскиот момент.
ЈСП во моментов има околу 250 милиони денари доспеани долгови кон добавувачи од кои најголемиот дел е за гориво (180 милиони) и секако добавувачи кои се битни за нормалното функционирање и работење на претпријатието.
– Очекувам дека сите тие во текот на првиот квартал ќе се регулираат, дека ќе бидат исплатени сите добавувачи кои се доспеани и ќе продолжиме со нормално функционирање на претпријатието. Не се планира ЈСП да работи во загуба – рече Илиевски и додаде дека очекува во наредните шест месеци да биде значително подобрена состојбата во претпријатието.
Во однос на апаратите за звучна сигнализација во автобусите, Илиевски рече дека се донела одлука сите апарати кои се потребни за луѓето со попречености веднаш да бидат поправени и ставени во функција. Во првиот квартал од оваа година е планирано да се обезбеди бесплатен превоз за пензионерите.