ЈСП смирува: Заболениот не е возач на автобус, пет лица кои имаa контакт се изолирани

1,152

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) информира дека  има еден вработен заболен со Ковид-19, кој навреме е хоспитализиран, а не бил во контакт со колегите повеќе од две недели со оглед на примена на владината мерка за ослободување од работни обврски на хронично болни лица.

Како што соопштија од ЈСП, заразениот не бил  вклучен во извршување на јавниот превоз, бидејќи е  дел од помошно-техничкиот персонал (паркирач) и имал ограничен контакт со останатите вработени лица.






„Пет лица вработени во ЈСП-Скопје, кои исто така се дел од помошно-техничкиот персонал, се во самоизолација, откако било пријавено дека имале контакт со лица кои претходно биле во непосреден контакт со лица вратени од патување од земја со среден или висок ризик“, соопшти ЈСП.

ЈСП-Скопје како општествено одговорно претпријатие, велат оттаму, се придржува и ги презема препорачаните мерки во борбата за превенција од ширење на Ковид-19.

Сите возила вклучени во јавниот превоз секојдневно се подложни на дополнителна дезинфекција, а секојдневно се прават напори на вработените лица да им се обезбедат заштитини маски, ракавици и средства за дезинфекција.

Согласно превентивните и заштитните мерки донесени од Владата на РСМ, 179 лица се ослободени од работа, поради хронични заболувања, бременост, родители на деца до 10 години и слично.

На сите лица кои влегуваат во автобазите (работните простоии) на ЈСП-Скопје им се мери телесната температура, а на сите вработени кои не се потребни во режим на намален интезитет на работа им се сугерира да ги користат старите годишни одмори.

Дирекцијата има скратено работно време, воведено е ротационо работење, дел од билетарниците и центрите за персонализација се затворени или работат скратено.

ЈСП апелира корисниците на јавниот превоз да се придржуваат кон апелите за рационално користење на јавниот превоз и да се однесуваат согласно препорачаните мерки донесени од Влада на РСМ.

Поврзани содржини