📷 ЈСП „СКОПЈЕ“ ПРЕДУПРЕДУВА ЗА ИЗМАМА Лажна објава за „80-годишен јубилеј“ мами граѓани со картички од 120 денари

Лажни страници повторно таргетираат скопјани со измислени понуди за бесплатен превоз, ЈСП предупредува да не се отвораат сомнителни линкови.

494

Фејсбук-страница именувана како „Јавен превоз во Скопје“ шири лажни информации и се обидува да измами граѓани нудејќи таканаречени „ограничени транспортни картички“ за наводно бесплатно возење. Од Јавното сообраќајно претпријатие предупредуваат граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не отвораат сомнителни линкови.

Според објавата на лажната страница, на граѓаните им се нуди „шестмесечен бесплатен јавен превоз за само 120 денари“ по повод наводен 80-годишен јубилеј на ЈСП. Но, како што укажуваат од претпријатието, ова е очигледен факсификат бидејќи ЈСП е основано во 1948 година и јубилејот ќе се одбележи дури во 2028 година.






Фото: Фејсбук

„Јавно сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ нема никаква поврзаност со оваа Фејсбук страница ниту со активностите што таа ги спроведува. Ја известуваме јавноста да не наседнува на вакви измамнички објави кои единствено имаат цел да наштетат на работата на претпријатието и да ги доведат во заблуда граѓаните“, стои во соопштението од ЈСП.

Од таму додаваат дека содржината е пријавена на Фејсбук како измама и дека ќе бидат преземени соодветни законски мерки.

Во објавата што кружи на социјалните мрежи е поставен и лажен линк кој, според претходните случаи, се користи за кражба на лични и банкарски податоци.

Фото: Фејсбук

„Апелираме граѓаните кои ќе наидат на вакви објави во никој случај да не ги отвораат линковите, ниту пак да внесуваат лични информации“, предупредуваат од ЈСП.

Ова не е првпат да се злоупотребува името и логото на ЈСП „Скопје“. Слични обиди за измама беа забележани во февруари оваа година и во октомври минатата, кога исто така се нудеа „бесплатни“ картички по симболична цена.

Поврзани содржини