ЈСП-СКОПЈЕ КУПИЛО 70 ТАКСИ-ВОЗИЛА, АМА БИЗНИСОТ ПРОПАДНАЛ ЗА САМО ЕДНА ГОДИНА „Идејата беше теоретски добра, ама лоша во пракса“

На почетокот добро им почна, беа вистинско изненадување и атракција низ скопските улици. Обележливи беа уште од далеку со унифицираните бои на такси-возилата (портокалова боја и бел покрив), но за многу кратко време се покажаа како нерентабилни поради преголемата потрошувачка на гориво, па на приватните скопски таксисти им дојде срцето на место, раскажува скопјанецот Зорив Вироз.

2,420

Пролетта 1979 година, тогашно ГСП-Скопје (денешно ЈСП) купило 70 нови возила Фиат 1.300 со „машки менувач“, сакајќи, покрај монополот со градскиот автобуски превоз, компанијата да стане и главен градски такси превозник во Скопје.

На оваа приказна се присетува скопјанецот Зорив Вироз на Фејсбук групата „Стари скопјани“, каде што раскажува дека идејата била многу добра, но дека реализацијата траела прилично кратко.






„На почетокот добро им почна, беа вистинско изненадување и атракција низ скопските улици. Обележливи беа уште од далеку со унифицираните бои на такси-возилата (портокалова боја и бел покрив), но за многу кратко време се покажаа како нерентабилни поради преголемата потрошувачка на гориво, па на приватните скопски таксисти им дојде срцето на место. Инаку, главна станица им беше паркингот пред старата скопска железничка станица и пред НАМА, а во зима кога беше стсудено и кога чекаа повик или да дојде случаен патник, автомобилите си работеа постојано, бидејќи парното не работи без погон на возилото. Тогаш беше социјализам, а група на возачи од ГСП кои возеа градски автобуси ги префрлија на такси возилата, така што воопшто не мислеа на штедењето гориво. Им беше гајле, државата плаќаше, а тие не се будали да се мрзнат за џабе среде зима“, се присетува скопјанецот.

Оваа кратка и неуспешна авантура на ГСП, додава тој, траела не повеќе од една година, а после почнале да ги продаваат автомобилите на јавни лицитации како подготвени возила за такси превоз.

„На фотографијата е прикажано едно од тие такси возила, снимена на паркингот на бензиската станица на Пуцко Петрол во Аеродром“, пишува скопјанецот.

Фото: Зорив Вироз / Стари скопјани
Поврзани содржини