ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ СЕ ВРАТИЈА НА УЛИЦИТЕ Ќе возат без договори додека Градот не објави нов конкурс

Иако дел од долгот е исплатен, превозниците укажуваат на друг важен проблем – договорите со ЈСП се истечени, а сѐ уште нема официјална најава дали и кога ќе биде објавен нов јавен оглас за распределба на линиите.

1,036

Приватните превозници во понеделникот се вратија на улиците откако им било ветено дека ќе ја добијат втората, поголема уплата од долгот што ЈСП Скопје го има кон нив. По неколку дена неизвесност, денеска на сметките на превозниците легнаа околу 40 милиони денари, што претставува приближно 20 проценти од вкупниот долг од 150 милиони денари.

Минатата среда, откако компаниите ги повлекоа автобусите од улиците поради неисплатени обврски, им беше префрлена минимална сума со цел да можат да опстанат до понеделник. Денешната уплата, иако делумна, засега го избегнува новиот бојкот на јавниот превоз во главниот град.






– Ни уплатија минимална сума за да можеме да опстанеме до понеделник. Очекувавме во понеделникот да биде исплатен поголем дел од долгот. Се надеваме дека ќе се надмине проблемот и дека нема повторно да има потреба да ги повлечеме возилата од улиците – изјавија од здружението на приватни превозници.

Во текот на вчерашниот ден, превозниците побарале од директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушковски, да им достави и фотографија од извршената трансакција, бидејќи, како што велат, веќе не им веруваат на усните ветувања.

– Сумата која беше уплатена денеска ќе биде доволна за 2-3 месеци да можеме да функционираме, но очекуваме наскоро повторно да има уплата. Ние продолжуваме да возиме и во иднина ќе имаме нови побарувања за извршената работа – додаваат од приватниот сектор.

Иако дел од долгот е исплатен, превозниците укажуваат на друг важен проблем – договорите со ЈСП се истечени, а сѐ уште нема официјална најава дали и кога ќе биде објавен нов јавен оглас за распределба на линиите.

– Сѐ уште немаме информација дали ќе има нов јавен оглас. Очекуваме тоа да се случи наскоро, бидејќи линиите што ги покриваме се многу важни за граѓаните – велат од приватните компании.

Тие моментално сообраќаат на линиите 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11а, 12, 47а, 55, 19, 20, 22, 52 и 54, со вкупно 105 автобуси.

Пред две години градоначалничката Данела Арсовска ги раскина договорите со „Слобода превоз“ и со „Макекспрес“, обвинувајќи ги за непочитување на обврските. По долг период на политички и административни пречки, како и неуспешни јавни огласи, конечно беше постигнат нов договор со три приватни оператори.

Поврзани содржини