ЈСП Е ВО ЗАГУБА, НО БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ЗА ВОЗРАСНИТЕ ЛИЦА ЌЕ ИМА Не сите пензионери ќе се возат без билет
Возрасните лица кои сакаат да користат бесплатен превоз во вторник, петок, сабота и недела, треба да поседуваат персонализирана електронска картичка „Скопска“ и при користење на јавен превоз да се валидираат, а истата картичка се приложува и во случај на линиска контрола.
Лицата во категоријата до 64 години мажи и 62 години жени, од петок, повторно ќе можат бесплатно да ги користат услугите на ЈСП „Скопје“ секој вторник, петок, сабота и недела, но оваа мерка нема да биде достапна за „пензионерите“ кои користат пензија врз друг основ, а се помлади од споменатата возрасна група.
Како што информираше на денешната прес-конференција в.д. директорот на ова претпријатие, Иван Илиевски, од буџетот на Град Скопје се издвоени 650.000 евра и префрлени на сметка на ЈСП „Скопје“.
– Воведувањето на бесплатниот превоз за возрасни лица е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие и средствата за оваа намена се обезбедени од Буџетот на Град Скопје – рече Илиевски.
Тој напомена дека освен што се ослободуваат возрасните лица во посочените денови од трошоци за автобуски превоз, бесплатен превоз веќе имаат и учениците средношколци во средните училишта чијшто основач е Град Скопје, редовните студенти на додипломски студии на државните универзитети во Скопје, како и лицата со попреченост.
Директорот Илиевски повторно се пожали дека претпријатието се наоѓа во тешка ситуација.
– Како јавно претпријатие, се соочуваме со големи проблеми. Наследивме долгови направени со недомаќинско работење, поточно загуба од 3 милиони евра, а истовремено почнуваме да го исплаќаме кредитот за набавка на МАН автобусите. Проблем ни е и скокот на цените на нафтените деривати и природниот гас и споредено со лани трошоците ни се зголемени за 33 отсто – рече Илиевски.
Илиевски беше запрашан дали според него оваа мерка е популистичка и избрзана, затоа што градоначалничката Арсовска постојано се жали дека Градот нема пари, а исто така и тој дека претпријатието е во загуба, па во време на економска и енергетска криза се трошат 650.000 евра за оваа мерка наместо за поприоритетни проекти.
– ЈСП „Скопје“ и Град Скопје секогаш мисли на своите граѓани и во овие тешки моменти излеговме со мерка барем на определена категорија на граѓани да им ги олесниме економските проблеми – одговори кусо Илиевски.
Со оглед дека во моментов ја знае состојбата на претпријатието, Илиевски беше запрашан, дали и кога ќе биде воведен бесплатниот градски превоз за сите категории на граѓани.
– Сега е време на мудри одлуки, правиме анализи, работиме на консолидирање на претпријатието, прво од економски аспект, потоа зголемување на човечки ресурси, па така сè што е ветено во програмата на градоначалничката Арсовска, можам со сигурност да кажам дека Скопје ќе има бесплатен јавен превоз и Градот ќе има еколошки превоз – одговори в.д. директорот.
Илиевски додаде дека во последниот период согласно стратегијата и барањата на граѓаните беа пуштени во употреба дополнителни автобуски линии, а беа вратени во функција и претходно укинатите ноќни линии.