ЈСП демант праќа, ама само себе се „закопува“

За жал, претпријатието е во тотален хаос, така што изјавите од типот „јавниот градски сообраќај функционира непречено, редовно и без застој“, се трагикомични. Засукајте ги ракавите и направете нешто за Скопје повторно да не остане без јавен превоз - без разлика дали тоа ќе биде штрајк за плати во ЈСП или штрајк на приватните превозници поради неисплатени обврски.

1,778

Секое утро кога ќе се разбудам земам да си сварам едно јако турско кафе и да си приготвам појадок во мојата „кујна“. Јајца на око, гледам да не ми загорат, па денот да не ми тргне нервозно. Откако ќе завршам со тоа, веднаш почнувам да размислувам што ли денеска ќе му „зготвам“ на ЈСП, бидејќи нешто мора да се „касне“, нели?

Веќе подолго време, особено откако Скопје го предводи Данела Арсовска, ниту кабинетот на градоначалничката, ниту јавните претпријатија не комуницираат со медиумите. Одговори на новинарските прашања пратени по мејл, речиси и да нема. А од друга страна постојано добиваме информации за нивелирани шахти, за средена патека на Водно и ред други работи, кои очекуваат да бидат пласирани во медиумите.






Е па господа, така веќе не може!

Вчера објавивме дека ЈСП Скопје им должи пари на приватните превозници за 4 месеци и дека тие полека ќе почнат да ги паркираат своите автобуси, како најава за нов штрајк.

Од ЈСП Скопје испратија демант во кој велат дека сме „пласирале неточни, непроверени и тенденциозни текстови кои немаат врска со реалноста“. Просто не можев да си поверувам што читам.

Господа од ЈСП, прашајте ја вашата портпаролка колку пати биле испраќани прашања од нашиот портал за најразлични теми, а во последно време за ниту едно немаме добиено одговор.

Дали тоа според вас е транспарентно работење на едно јавно претпријатие кое го плаќаат граѓаните? Дали граѓаните, според вас, не заслужуваат да добијат одговор за кое било прашање? И да, нашите прашања произлегуваат токму од потребите на граѓаните и имаат врска со реалноста, а вие слободно симнете ги розовите очила и излезете од канцелариите за да видите со што се соочуваат корисниците на јавниот превоз. На пример, застанете да чекате автобус едно 35 минути за да видите колку се редовни вашите линии.

„Вистината е дека јавниот градски сообраќај функционира непречено, редовно и без застој. Нема најави за штрајк, ниту пак недостаток на гориво“, се додава во демантот на ЈСП.

Прашањето е ако јас во мојата „кујна“ готвам „политички“ прашања, што ли готват другите медиуми кои исто така секојдневно пишуваат за проблемите со градскиот превоз? Како тоа речиси сите медиуми секојдневно информираат дека градскиот превоз доцни, автобусите ги нема според предвидениот распоред, а сето тоа го потврдуваат скопјани во анкетите како корисници на овој превоз?

За разлика од вас, господа од канцеларии, ние се движиме меѓу граѓаните, па и информацијата за проблемите ја дознавме од самите приватни превозници. Тие велат дека ЈСП им должи пари за четири месеци а дека доцни и авансот. Пари нема! Како што ни рекоа, по штрајкот, сè им било исплатено, потоа исплатата била редовна неколку месеци за оние кои потпишале договори по огласот кој го објави Град Скопје, но доцнењето повторно настанало.

Приватниците велат: „Како нас да ни исплатат, кога ЈСП два месеца моли Советот на Градот да им даде помош за плати на вработените, но не ја добиваат. Што ќе остане за нас тогаш?“

За жал, претпријатието е во тотален хаос, така што изјавите од типот „јавниот градски сообраќај функционира непречено, редовно и без застој“, се трагикомични. Засукајте ги ракавите и направете нешто за Скопје повторно да не остане без јавен превоз – без разлика дали тоа ќе биде штрајк за плати во ЈСП или штрајк на приватните превозници поради неисплатени обврски.

Медиумите се врската помеѓу граѓаните и надлежните институции. Граѓаните слободно ни ги кажуваат нивните проблеми, а ние одговорите ги бараме од вас. Ако сте транспарентни, како што тврдите, треба да одговорите во најбрз можен рок и притоа да коригирате нешто за што граѓаните имаат поплаки. Тоа правило важи секаде во светот, не само кај нас. Ние ќе ве пофалиме кога ќе направите нешто како што треба. За разлика од овие непријатни вести, тоа би била една позитивна вест.

Поврзани содржини