СОВРЕМЕНИОТ ТАНЦ ВО МАКЕДОНИЈА СТОИ НА ЦВРСТО ТЛО По 45 години на сцената Рисимкин постави и научна подлога на танцовата уметност

Повеќе мои студенти магистрираа на многу интересни теми, кои не се истражени досега и сите имаат добри трудови, низ кои се поставуваат темелите и на научната работа во областа на танцовата уметност, не само во практична насока. Спојот на овие два елемента, ќе придонесе за дооформување на оваа сцена, вели Рисимкин.

289

Во годината кога одбележува 45 години творештво познатата кореографка Рисима Рисимкин доби неколку потврди за својата успешна работа. Годинава таа се закити со Орден од редот на Витез на уметностите и книжевноста на Франција и е прва добитничка на овој орден од областа на танцовата уметност.

На 28 мај 2025 година Рисимкин е прогласена за Европска личност на годината од Европското здружение на Македонија, а на 10 јуни 2025 година ја доби наградата „Ѓорѓи Македонски“ – награда за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво.






Рисимкин е основач на првата универзитетска образовна програма за современ танц во Македонија. Таа ја основа првата современа танцова компанија кај нас, Скопје танцов театар, како и фестивалот Танц фест Скопје.

Годинава навршувате 45 години на македонската танц сцена, како балерина, кореограф, професор, режисер… Како ви изгледа од денешна перспектива сѐ што направивте во овие речиси 5 децении? Што можеше да биде подобро или полошо?

– Годинава ми е некако исполнета со радости. Добив неколку признанија за мојата долгогодишна работа и секако дека тоа ме прави горда. Кога ќе се осврнам околу себе, се радувам на тоа што го гледам. Пред сѐ, на младите кадри кои се изнедрија. 45 години е долг период, но, сметам дека сите борби и тешкотии ги надминав и се радувам што ете, се создаде една независна современа танцова сцена, која е отскочна штица за младите кои го бираат патот на уметноста. Јас зборувам со јазикот на уметноста и така, секоја од горенаведените улоги ми беа искажани низ уметнички пат, што особено ме радува.

Сите патувања надвор, конекциите, гостувањата, запознавање на врвни уметници и влезот во тој уметнички врв на светската танцова сцена, ми овозможија да се изградам како личност и уметник. Среќна сум што тоа можам да го пренесам на младите уметници, на моите студенти. Исклучително важно е тоа што универзитетот „Гоце Делчев“ ја препозна мојата работа и сместувањето на Катедрата за современ танц кај нив значи еден голем исчекор и овозможување на понатамошен развој на современата танцова уметност. Секогаш може да е подобро и се надевам дека овој почетен импулс и тлото на кое денешните млади уметници растат, им овозможува подобар старт и секако повисоки можности за надградба. Реално, не би менувала ништо, единствена желба за понатаму ми е оваа уметност да расте и да созрева преку работата на младите уметници.

Имате карактеристичен кореографски стил кој е веќе препознатлив и дома и во странство. Што ви беше главна инспирација во творештвото и во креирањето на препознатливите движења?

– Мојата инспрација е во визуелните уметности и во книжевноста. Тоа се двете осовини по кои се движам во текот на мојот уметнички развој. Од една страна, преку инспирација низ сликартсвото, скулптурите и моментот во кој се наоѓам, се создаваат идеи кои понатаму ги развивам низ мојата короеграфска палета, по еден апстрактен пат, кој ги искажува скриените мисли и значења – „Дневник Дали“, „Дневник Стравински“, „Котел“ итн.

Од друга страна, книжевноста, поезијата ми се исто така долгогодишни сопатници и од таму црпам инспирација за одделни дела – трилогијата Жените во творештвото на Шексир – „Лејди Магбет“, „Д (како Дездемона)“ и следува последниот дел за Офелија, или пак „М.Е.МЕ.Н.Т.О.“ на поезијата на Езра Паунд и Елиот, „Големиот прозорец“ инспириран од творештвото на Марина Цветаева. Последниви години се бавам со идентитетите – генерално врз база на секојдневниот животен тек, актуелните случувања, кои низ кореографскиот текст ги визуелизирам и се искажувам. На тој начин давам придонес во актуелниот миг, бидејќи, како уметник, сакам да дадам свој став за нештата.

Во кој правец сега се движи танц сцената во Македонија? Дали младите го копираат вашиот стил, прават свој или се оди кон некој сосема нов правец?

– Современата танцова сцена кај нас е веќе сериозно поставена, иако недостасуваат повеќе проекти во современото творење и можеби поголема институционална поддршка, но таа веќе овозможува пласман на млади уметници, не само кај нас, туку и надвор. Имаме повеќе наши студенти, кои творат тука и надвор и имаат голем успех.

Не мислам дека некој го копира мојот стил, нормално е да има сличности, бидејќи дел до нив се развиваат под мое менторство и имаат одредена инспирација од моето творештво. Низ сопстевното творештво, дел од тие уметници создаваат сопствен стил, кој ќе стане препознатлив со текот на времето и искуството кое го акумулираат.

Денес е актуелно да се побара помош од вештачката интелигенција, како таа му помага на танцот во правењето кореографии?

– Во танцовата уметност тоа е малку покомплицирано. Кога имавме прекин на работата, поради епидемијата на короната, јас почнав сериозно да се бавам со компјутерски генерирана кореографија – за што и направив научен труд кој се објави на научната конференција ЕТИМА во 2021 година.

Подоцна на оваа тема одржав серија предавања во Кина, во Латвија и во Хрватска. Сепак, не ја користам многу вештачката интелигенција, иако сметам дека ќе дојде време кога таа ќе помага во создавањето на кореографија, како алатка да го забрза процесот, но не и како уметнички израз.

Велат „Голем си ако направиш некого друг голем“. Имате ли квалитетни наследници кои ќе го носат товарот на сите предизвици што ги носи танц сцената и ќе ја задржат Македонија на мапата на светската танц сцена?

– Имам. Една цела пелјада, веќе изградени професионални уметници, како и млади студенти, кои добро работат и се развиваат. Пред сѐ, професионалните танчери на Скопје танцовиот театар, ќе ги споменам Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески, Сара Димовска и други. Тука се и Ивана Балабанова, Александра Петрушевска, Јована Зајкова, Викторија Коцева, како и дел до странските студенти Стефани Шаршмит, Микаела Колцункова, кои активно учествуваат на современата танцова сцена. Сите тие ја продолжуваат мојата работа, се разбира внесувајќи свои идеи и новитети, што е и потребно, за развојот на нашата сцена.

Имам повеќе студенти кои магистрираа на многу интересни теми, кои не се истражени досега и сите имаат добри трудови, низ кои се поставуваат темелите и на научната работа во областа на танцовата уметност, не само во практична насока. Спојот на овие два елемента, ќе придонесе за дооформување на оваа сцена, а секако преку праксата на создавање нови претстави и Скопје танцовиот театар, ќе се овозможи понатамошен пласман и дома и надвор. Интерарт културниот центар игра голема улога во поддршката на млади уметници и нивното пласирање надвор. Тој тренд ќе продолжи и многу сум задоволна од тоа како се развиваат нештата.

Фото: Максим Меркел
Поврзани содржини