СОВРЕМЕН ИЛИНДЕНЕЦ И АСНОМЕЦ Е СЕКОЈ ИЗБРАН ШТО РАБОТИ ЧЕСНО ЗА ГРАЃАНИТЕ Останатите се измамници, порача Мицкоски
Има многу предизвици, затоа сме ние да ги решаваме тие предизвици, не да лелекаме, не да кукаме, затоа е оваа коалиција која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да ги решава проблемите, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која легитимитетот го црпи од граѓаните, а секој оној кој ја добил довербата од народот и работи чесно и трудољубиво е денешниот современ патриот, илинденец и асномец, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на предизборен настан во Дојран.
– Нема да биде лесно, ќе биде тешко, не памтиме ние лесни времиња, во суштина. Многу предизвици, затоа сме ние да ги решаваме тие предизвици, не да лелекаме, не да кукаме, затоа е ВМРО-ДПМНЕ, затоа е оваа коалиција која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да ги решава проблемите – рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека довербата која граѓаните ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во првиот круг од локалните избори е од историски размери.
– Јас сум убеден дека на овие 33 градоначалници кои што се избрани во првиот круг, ако се додадат овие нови 2, бидејќи противниците се откажаа, веќе се 35, убеден сум, дека на овие 35 ќе се додадат и преостанатите 24 и бројката ќе биде 59 – кажа Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која легитимитетот го добива од граѓаните, додаде Мицкоски, и таа доверба нема да се изневери и само ќе се надградува.
– Секој оној, кој што добил можност, ја добил довербата на граѓаните, и кој што работи напорно, чесно, трудољубиво, којшто е вреден, којшто не се однесува надмено, туку напротив, се однесува понизно кон граѓаните, кон народот што го избрал, е денешниот современ патриот, е денешниот гемиџија, е денешниот илинденец, асномец. Не оној кој што седи зад статусите и се крие со лажни имиња, кој што навредува, кој што лаже, кој што води црни кампањи, кој што напаѓа ад хоминем, со ниски страсти, тие не се патриоти, тие се измамници – рече Мицкоски.
Време е во Дојран да ја заокружиме промената што ја започнавме на 19 октомври, рече кандидатот за градоначалник Илија Тентов.
– Дојран е скапоценост на Македонија, но таа скапоценост мора повторно да биде препознаена. Ни треба развој, ни треба визија, обединување, а тоа може да го направиме заедно – рече тој.
Тентов истакна дека со поддршката од Владата, во Дојран ќе се реализираат проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните.
– На 2 ноември гласате за иднината на вашите деца, за нашето вековно езеро, за урбанизиран Дојран, почисти улици, подобар туризам, за поголеми инвестиции, за вистинска шанса младите да останат овде, во својот дом – рече Тентов.
Тентов ги повика граѓаните обединето да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9 „за Дојран што ќе блесне како никогаш досега“.