Советот за безбедност ќе расправа за прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија
Во зависност од утрешниот предлог од Советот за безбедност, не се исклучува и можноста од воведување на дополнителна забрана за движење на граѓаните.
Прогласувањето кризна состојба на целата територија на Македонија, поради ситуацијата со ковид-19, најверојатно ќе биде тема на утрешната седница на Советот за безбедност, што денеска ја закажа претседателот Стево Пендаровски.
На последниот состанок на Советот за безбедност, Пендаровски ја отворил можноста на целата територија на Македонија да биде прогласена кризна состојба, ако се влошува ситуацијата со ковид-19. Оттука, очекувањата се дека шефот на државата ќе предложи воведување кризна состојба. Ако тоа биде прифатено од членовите на Советот за безбедност, ќе биде потребна согласност и од Владата.
Според најавата од кабинетот на Пендаровски, на утрешната седница, освен членовите на Советот за безбедност, поканет е и министерот за здравство Венко Филипче. Се очекува министерот да реферира за ситуацијата со ковид-19. По последниот состанок на Советот за безбедност од пред речиси еден месец, состојбата во Македонија драстично се влоши, а енормно се зголеми и бројот на починати лица.
Според Законот за управување со кризи, кризната состојба е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. При прогласување на кризна состојба на целата територија се подразбира поголеми овластувања на Армијата во борбата со ковид-19.
Претходно кризна состојба беше воведена на јужната и на северната граница, поради големиот наплив на мигранти, кои во земјава влегуваат од Грција и потоа транзитираат до Србија. Но, кризна состојба се воведе и при појавата но коронавирусот во Дебар. Разликата е што сега предлогот ќе биде да се прогласи кризна состојба на целата територија на земјата.
Одлуката за постоење на кризна состојба не може да важи подолго од 30 дена. Во случај да биде надминат овој период, односно состојбата да продолжи да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот, или да предложи прогласување воена или вонредна состојба.
Во случај на кризна состојба, можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на приватни фирми (трговските друштва) кои се од пособено значење за работа во кризна состојба, како и за упоравување со нив во случај на кризна состојба.
Како што е регулирано со законот, одлуката за прогласување кризна состојба и подрачјето зафатено со неа ја носи Владата, а за тоа веднаш ги известува Собранието и претседателот на државата.
Во зависност од утрешниот предлог од Советот за безбедност, не се исклучува и можноста од воведување на дополнителна забрана за движење на граѓаните.