СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ НЕ БИЛ НАДЛЕЖЕН ДА ОПРЕДЕЛИ ЗАМЕНА ЗА СУСПЕНДИРАНИОТ ХАЈРУЛАХИ Еве ја одлуката, секој може да види дека е незаконска!
Како е можно никој од членовите на Советот на јавни обвинители да не ги консултирал законите и да не му кажел на Љупчо Коцевски дека Советот не е надлежен за оваа работа и дека тој, како шеф на сите обвинители, можел сам да определи кој привремено ќе го замени Хајрулахи на позицијата шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје?
Плусинфо дојде до текстот на одлуката со која Советот за јавни обвинители на 10 февруари ја определи обвинителката Наташа Крстевска Цалева да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје, за време додека трае (одалечувањето) суспензијата на шефот на ова обвинителство Мустафа Хајрулафи.
Ова е таа одлука:
Одлуката е кратка и во текстот јасно може да се прочита дека се повикува на Член 9 од Законот за Советот за јавни обвинители на Република Северна Македонија.
Не ни е познато дали членовите на Советот се надевале дека никој нема да се потруди да го погледне спомнатиот член во спомнатиот закон, но ние го сторивме тоа. За секој писмен читател да може самиот да донесе заклучок, еве, објавуваме фотографија од тој член:
Пред заеднички да го прочитаме овој член којшто ги определува надлежностите на Советот за јавни обвинители, да се потсетиме како оваа одлука ја образложи државниот јавен обвинител Љупчио Коцевски, убедувајќи ја јавноста дека Владата ги немала сите релевантни и точни информации кога оценила дека одлуката е незаконска.
ГИ НЕМАТЕ СИТЕ ТОЧНИ ИНФОРМАЦИИ Коцевски тврди дека сите негови одлуки се законски
Еве што кажа Коцевски:
„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски. Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното: распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство.“
Пред се, тоа не е така. Обвинителот Цветановски годишниот распоред го подготвил во декември лани. Кога Цветановски го подготвил распоредот, не бил суспендиран, туку на 30 јануари. Според тој распоред, се работело од 3 јануари до 10 февруари, кога со Вишото јавно обвинителство Скопје раководела Наташа Гоџовска. Во тој месец никој не го оспорил распоредот. Како тоа на 10 февруари им текнало дека распоредот не е добар?
Но ајде, хипотетички, ќе се согласиме дека на обвинителот Коцевски распоредот му бил спорен. Важно е дека тој појасни дека во случајот не станува збор за определување вршител на дожноста шеф на скопското ВЈО, туку обвинител кој ќе го заменува Хајрулахи во периодот на неговото отсуство.
Е тоа прашање е уредено во членот 25 став 2 од Законот за јавно обвинителство. Еве го целиот член, за сите да се увериме дека тоа е така:
Во ставот 2 јасно пишува дека јавниот обвинител што отсуствува определува кој ќе го заменува, со годишниот распоред на работа. Ајде сега, еве, да го прифатиме и „појаснувањето“ на Коцевски дека не можело да се прифатат годишните распореди направен од суспендираните обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски. Не е баш така, но нека му биде.
Еве испитно прашање за Коцевски – кој, во таков случај, требало да определи кој ќе го заменува Хајрулахи за време на неговото отсуство поради суспензијата? И потпрашање: каква врска има со тоа Советот за јавни обвинители?
Прво да одговориме на потпрашањето. Да го погледнеме уште еднаш членот 9 од Законот за Советот за јавни обвинители. Никаде во тој член – кој, да повториме, ги дефинирал надлежностите на Советот – не се спомнува дека е надлежен да го менува тој фамозен распоред. Во алинејата 5 пишува дека Советот за јавни обвинители „одлучува за привремено оддалечување од функцијата јавен обвинител“. Да, тоа е негова надлежност и Советот за тоа одлучувал и го оддалечил Хајрулахи.
Но, во овој член никаде не пишува дека Советот има надлежност да определи обвинител што ќе го заменува суспендираниот за време на неговото отсуство. И не може да пишува, бидејќи, рековме веќе, тоа е надлежност на тој што го носи распоредот. Советот на јавни обвинители нема ама баш никаква врска со таа работа!
И сега, пак, на Коцевски да му го поставиме испитното прашање – ако не му биле по волја годишните распореди што ги подготвиле обвинителите Хајрулахи и Цветановски, кој бил надлежен да определи кој ќе го заменува Хајрулахи за време на неговото отсуство поради суспензијата? И едно помошно, ама сега и елиминационо прашање: бидејќи Обвинителство функционира по хиерархиски принцип на субординација, кој единствено можел да ја преземе надлежноста од Хајрулахи за да одлучи во врска со годишниот распоред и посебно за тоа кој ќе го менува?
Извинете, ама некој што не го знае одговорот на ова прашање, не може да го заврши Правниот факултет. Не може да биде ни стручен соработник, а камоли обвинител.
Одговорот на прашањето е јасен: шеф на шефот на Вишото јавно обвинителство и на сите обвинители во државата им е државниот јавен обнвинител. Да, баш тој, Љупчо Коцевски! Тој можел и морал да наложи и да спроведе промена на годишниот распоред и ако баш морало Хајрулахи да го заменуваат Цалева, или обвинителката Сарамандова, можеби, или некој трет, сеедно, за тоа требало да одлучи Коцевски.
Онака, шефовски!
Наместо тоа, дали поради непознавање на законските одредби или поради некоја друга причина, Коцевски иницирал за ова да одлучува Советот за јавни обвинители и го натерал да донесе одлука за која тоа тело не е надлежно.
На авторот на оваа мала анализа му останува само уште една дилема во врска со оваа обвинителска „игранка“: како е можно никој од членовите на Советот на јавни обвинители да не ги консултира законите и да не му каже на Коцевски дека Советот не е надлежен за оваа работа?
А ова, почитувани читатели, е врвот на јавнообвинителскиот систем. Кремот!
Па после се чудиме зошто овие луѓе често прават недоветни обвиненија, се чудиме зошто судиите врз основа на таквите обвиненија носат катастрофални пресуди, зошто потоа пресудите се укинуваат од повисоките судови (многу и се потврдуваат, неправдата понекогаш победува), зошто се губи време, зошто се трошат народни пари на бескрајно долги судења, зошто предметите застаруваат…
Има само еден лек за овој хаос – прво промена на сите раководни позиции во правосудството, а потоа генерален реизбор на судии и на обвинители!
Овој грдо лице на македонското правосудство не се поправа ни со козметика, а ни со пластични операции…