Советничката на Град Скопје Драгана Велковска бара да не се наплаќа болничкиот паркинг. Таа бара Советот на Градот на денешната седница да ја тргне точката за одлука за давање согласност на одлуката за измена и дополнување на ценовникот на услугите кои што ги извршува ЈП Градски Паркинг – Скопје.
– Недозволиво е болнички паркинг да се наплаќа. Болничкиот паркинг мора да биде бесплатен за сите и за вработените и за пациентите и нивните блиски бидејќи здравјето е основно човеково право. Недозволиво е во ек на пандемија да се злоупотребува ситуацијата во која поголем број на луѓе ќе бидат принудени да го користат паркингот на болницата и на тој начин со умисла да се профитира од туѓата несреќа. Имајќи предвид дека во болница луѓето не одат од задоволство, туку од мака и имајќи предвид дека болните најчесто не може да се донесат до болница на велосипед или со јавен превоз, а такси е надвор од финансиските можности на многу наши сограѓани со оглед на енормната стапка на сиромаштија, барам одлуката да биде повлечена од предлагачот. Понатаму, од Управниот одбор на ЈП Градски паркинг барам да усвои одлука со која ќе се обезбеди бесплатно паркирање на сите болнички паркинзи и за медицинскиот персонал и за пациентите и нивните блиски – вели Велковска и додава дека претстои нов бран од пандемијата, а се предвидува и светска финансиска криза. Најмалку што Градот е должен да направи во ваква ситуација е да носи солидарни и хумани одлуки со кои на скопјани ќе им покаже дека стои до нив, не наспроти нив.