Совет на Европа: Нападите врз новинарите во Европа се зголемиле за 40 отсто
Рекорден број предупредувања се однесувале на физички напади (52 случаи) и акти на вознемирување или заплашување (70 случаи).
Годишниот извештај на Платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, објавен денеска од 14 меѓународни организации за слобода на печатот, идентификува 201 инцидент што сериозно ја загрозуваат слободата на печатот во 47 земји-членки на Советот на Европа за 2020 година. Оваа бројка претставува зголемување од 40 отсто во споредба со 2019 година. Рекорден број предупредувања се однесувале на физички напади (52 случаи) и акти на вознемирување или заплашување (70 случаи).
Меѓу случаите во кои новинари биле мета на сексистички навреди и закани е наведен случајот со Тања Милевска, дописник на новинската агенција МИА од Брисел. Милевска беше жртва на малтретирање на интернет, кое вклучуваше вербално насилство, како и смртни закани и закани за силување на социјалните мрежи откако на Твитер праша дали унгарскиот премиер Виктор Орбан и Европската народна партија во Парламентот и ЕУ ќе ја признае уставната промена на официјалното име на земјата во „Северна Македонија“ одлучено во 2019 година.
Друг случај од Северна Македонија е тој со новинарките Мери Јордановска, уредник на А1он.мк и Искра Коровешовска, уредник на ТВ Алфа, кои биле мета на закани и навреди преку Интернет.
Во извештајот на Платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите се наведени и вербалните напади во некои земји како Србија, Словенија и Турција што биле дело на претставници најавните власти, вклучително и министри и шефови на држави.
Во Годишниот извештај на Советот на Европа, меѓу другото, се анализираат сериозните закани за слободата на печатот, како што е неказнивоста за злосторства извршени врз новинари – вклучително и 24 случаи на убиства на новинари кои досега останаа неказнети – заземање на независни медиуми од страна на државите, вознемирување на судскиот процес, политички притисок врз медиумите од јавниот сервис и надзорот над новинарите. Исто така се посочува на специфичната закана за слободата на печатот предизвикана од исклучителните ограничувања наметнати во 2020 година на активноста на новинарите со законите и регулативите за итни случаи донесени како одговор на пандемијата ковид-19.