СОПСТВЕНИК НА КАМП СИ ГО ПРЕДВИДЕЛ СВОЈОТ КРАЈ Три дена пред двојното убиство оставил тестамент кој открива морничава вистина
Полицијата во Пелопонез трага по млад сторител по бруталното двојно убиство во кампот „Амос“, додека новиот тестамент на жртвата отвора сомнежи за семејна драма и борба за имот.
Локалната заедница во грчкиот Пелопонез е во шок по двојното убиство што се случи вечерта на 5 октомври 2025 година во познатиот кампинг „Амос“ во Финикунта. Жртви на масакрот се 68-годишниот сопственик на кампот, архитектот Костас Томарас, и неговиот долгогодишен пријател и чувар Василис, стар околу 50 години.
Според истрагата, вооружениот напаѓач пристигнал на мотор околу 20:30 часот, влегол во кампот и прво го застрелал сопственикот во просториите на рецепцијата. Чуварот се обидел да побегне, но бил погоден во грб. Сторителот потоа исчезнал, а полицијата интензивно трага по него.
Посебно вознемирува фактот дека убиството го видел внукот на Томарас — момчето успеало да избега и да го пријави злосторството.
Дополнителна мистерија во случајот предизвика новиот тестамент на убиениот, составен само три дена пред неговата смрт, во кој тој речиси целиот свој имот му го остава токму на својот внук – сведок на злосторството.
„Го пишувам мојот тестамент во случај на ненадејна смрт…“ — започнува документот што ги шокираше грчките власти.
Томарас во тестаментот, покрај внукот, оставил дел од имотот и на својот чувар Василис, како и парични средства за сестрата и нејзиниот син. Полицијата веќе има во свои раце и претходен тестамент составен пред една година, а се смета дека споредбата на двата документи може да ја открие вистинската причина за убиството.
Истражителите испрашуваат сведоци, меѓу кои и локален бензинџија кој видел млад човек на мотор, со кацига и темна кожа. Но внукот на Томарас дал поинаков опис — светол тен, руса коса и младолик изглед, што укажува дека можеби сторителот е малолетник.
Истрагата продолжува со целосна мобилизација на грчките безбедносни служби, додека жителите на Финикунта живеат во страв и неверување по шокантното двојно убиство.