„Соланизација“, „Макронизација“, „Ескобаризација“…

1,451

Да бевме нормална држава, со нормални политичари, овие „разговори“ околу уставните измени ќе се водеа уште пред четири-пет години, кога оној праматарон потпишуваше меѓудржавни договори небаре трампи своја нива со комшијата. Ќе имаше отворени трибини, расправи и широки дебати, соочување на аргументи… Но сето тоа ако власта и надлежните за евроинтегративниот процес умееја/знаеја да одговорат на редица контроверзни прашања поставувани во јавноста подолго време. Бидејќи не знаат – се кријат. А овде, сепак, не станува збор за лични или групнопартиски ќефови и надмудрувања туку за сериозен историски процес со потенцијални несогледливи последици за државата.

Идентичен е и случајот со нашиве „експерти“ кои секојдневно пелтечат по медиумите, при што сите, ама баш сите, се познати класичниабоненти на власта кои апсолутно еднострано им пристапуваат на проблемите на македонските евроинтеграции, по правило застапувајќи ја страната на оваа власт и тезите на ЕУ. Што сѐ се изнаслушавме од нив последниве месеци, па и година, за Унијата – што е таа, како таа функционира, што ќе ни се случи утре ако не прифатиме диктирани измени на Уставот… – се чини тие повеќе знаат за ЕУ од неа самата. И ја сакаат, просто ја обожуваат, многу повеќе дури и од нејзините граѓани. Што и не е чудно, нели: кога си добро платен можеш да ја убедуваш јавноста и дека Земјата е плоча, а „прогресивциве“ се подготвувале за ЕУ уште од времето на Илинденското востание. Коешто, за жал, (повторно) не е наше туку е соседско, вели (овојпат) оној „добронамернион“ канадизиран „европеец“ Петков. Но, и тоа е во контекстот на планираната „Операција Бугари“ и претстојните измени на Уставот. Но за тоа малку подоцна.






Но никој од нашиве учени-недоучени нема да одговари на кое и да е суштинско прашање поврзано со планираните уставни измени. А ги има повеќе. Првото (спомнато и минатиот пат) е: кому му требаат Бугарите во Уставот како државотворен народ, и за што? На Македонија, на Бугарија, на ЕУ, на САД…? Тоа треба јавно, јасно и гласно да биде прецизирано од страна на државниот врв. Зашто, со нивното сместување во Преамбулата на Уставот онака како што предложила „стручната“ Комисија на „историчарката“ Цаца Николовска, тие де факто си ги исполнуваат вековните „влажни сништа“. Односно, им ги исполнуваме – ние! Ако имаме посебна причина за тоа, добро е да ја знаеме веднаш и да не се глупираме понатаму.

Поточно, ако македонските „експерти“ во 2001 година дозволиле „соланизација“ на Преамбулата на Уставот односно еден Солана со рака да им допишува измени на Преамбулата и истите Собранието беспоговорно да ги усвои како „наши“, тогаш тоа говори дека македонското контроверзно лакејство не е од вчера. Но, токму заради тоа, добро би било сега – а не по дваесетина години – да слушнеме дали и денес имаме слична „ескобаризација“, или „макронизација“, и кои се „аргументите“ на меѓународната заедница за нашето ново заложништво кај источниот сосед!

Но, доколку немаме таква силна „соланизирачка“ причина, добро е да се праша: дали спомнатата Комисија темелно ги разгледала сите историски аспекти, но и последици, на нејзиниот предлог за измена на Преамбулата? Би било логично да претпоставиме дека тоа се случило, иако тие некако (пре)брзо ја завршија работата, што пак остава реален сомнеж во темелноста. Како и да е, ќе го повторам прашањето од минатиот пат, надевајќи се на некаков одговор, од некого, некогаш: ако сите народи односно делови на народи спомнати во Преамбулата во контекстот дека „(…) ја преземале одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија (…)“, дали Комисијата, и власта, ги гледа и Бугарите како такви? А тоа не е техничко или само формално туку е – суштинско прашање!

И понатаму – за да престанеме да се лажеме понатаму! – тоа е само првиот чекор што би го направиле. По него следат сите останати, оние запишани во „рамката“ односно протоколите како анекс на Договорот со Бугарија, без оглед што странците се обидуваат да нѐ убедуваат во спротивното. Но за овие „нови чекори“ – во следната прилика.

Следствено, а задржувајќи се сѐ уште на првиот чекор, следејќи ја дикција на Преамбулата и внесувајќи ги Бугарите (или дел од бугарскиот народ) во неа, некој веќе утре мора да одговори како ќе ја гледаме македонската историја 1941-1945 година? Кој тоа, во тој период, ја окупирал македонската територија, вршел невидени (документирани!) ѕверства врз населението (стрелал, колел, бесел…)? Некоја друга држава, а не Царството Бугарија? И која? Ако пак тоа сепак била Бугарија, значи дека (следејќи го новиот македонски Устав!) тие навистина не биле окупатори бидејќи нелогично е да окупираш земја за којашто низ историјата си се жртвувал, си леел крв за неа, нели?

Ако е тоа така, а така е според новопредложената Преамбула, што претставувала македонската борба за ослободување 1941-1945 година? Граѓанска, братоубиствена војна? Зашто, нема друг соодветен термин за таквиот вид борба бидејќи и едните (Македонците) и другите (Бугарите) се бореле „за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија“? Тоа ли сака да ни каже „историчарката“ Цаца Николовска? Тоа ли сака да ни каже и оној Ружин како „експерт“ за сѐ, па и за историја и Устав?

Но, историјата, како впрочем и правото – па и уставното – не е сегментарна наука којашто изолирано ги посматра нештата. Напротив: оваа „преамбулска“ логика како бумеранг се враќа низ времето дури до 681 година и ханот Аспарух. Каков, имено, карактер имале неговите освојувања на територијата (и) на (тогашна) Македонија: освојувачки, ослободителен, братоубиствен…, можеби туристички? Што ќе рече дека уште од тогаш овде се водат граѓански војни на коишто, ете, со помош на новопечениве историчари ала Николовска, Ружин, Пендаровски, Ковачевски и компанија, сега им се става крај. И тоа ли сака да ни каже „историчарката“ Цаца Николовска? И тоа ли сака да ни каже и оној Ружин, но и другине спомнати, како „експерти“ за сѐ, па и за историја и Устав?

Е па да им се заблагодариме, се разбира, и да ги предложиме – сите, топтан – за некоја висока државна награда или одликување! Но и прашањето: разбираат ли воопшто овие луѓе што предлагаат со вакви уставни измени?

И понатаму, следејќи ја дикцијата на Преамбулата којашто не се ограничува само на еден историски период, таа, Преамбулата, говори и за свест и благодарност „на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава“. Тоа ќе рече дека од мигот на усвојувањето на предложената измена на Преамбулата, ние веќе отворено говориме и за „предците и жртвите“ на Бугарите и „нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава“ и во времето на Илинденското востание, Кресненското, Разловечкото…, ги подразбираме тука и нивните „предци и жртви“ и им се поклонуваме… Тоа ли е/ќе биде новата „држава“ Северна Македонија? Го знаел ли оној Петков ова предвреме, па уште сега го прогласил Илинден за бугарски?

Меѓутоа, за да не биде дека јас имам нешто против Бугарите, ќе кажам дека истите аргументи, горе-долу, се однесуваат и на сите други (делови од) народи кои сега се спомнуваат во измените. Но и на претходно спомнатите (иако за дел од нив има други аргументи). Зашто, вака излегува дека ние не ќе сме имале држава, ниту пак аспирации за држава, без сите спомнати, што не е точно. Да, ние треба, должни сме да им оддадеме чест и почит за нивниот придонес во македонската борба – тоа го вели и Крушевскиот манифест, ама не спомнува (нека ме извинат) Бугари, Хрвати, Словенци, Бошњаци итн. – но да ги издигнеме на рамништето на државотворни (делови од) народи е малку претерано. Нивната улога во изградбата на оваа држава е несомнена, но сепак треба(ло) примерено да биде историски интерпретирана со соодветни формулации! А токму тоа требало да го сработи (и) оваа Комисија. Или – да молчи.

Сите овие народи, односно делови од народи – па нека бидат во тоа вклучени и педесетината „наши“ Бугари – се вградиле во многу судбински важни процеси во поновата македонска историја и за тоа мора да добијат соодветно признание. Но не вака, не на ваков крајно дискутабилен начин. И тој дел од Преамбулата мора(л) да биде сработен од сериозни, компетентни историчари и политичари, а не од делегирани претставници на партии, па дури и Партијата на пензионерите. Извинете, но тоа не само што е крајно дилетантски туку претставува поигрување – да не речам потежок збор – со државата и нејзиниот темелен документ.

 

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини