Сол на жива рана

Македонската приказна во овие три децении независност, самостојност и сувереност е приказна типична за некои (некогашни) јужноамерикански државички, а денес богами почнува да заличува и на некои актуелни афрички.

988

За Бугарите можете да кажете што сакате, но не и дека немаат перфектен тајминг. Само што почна кај нас оној пост фестум хор на децата на комунизмот и нивната (очекувана и одамна увежбувана) песничка „Кој е виновен?“ во која, нормално, нашата катастрофа викана влез во ЕУ ја започнуваат со рефренот „виновен е народот, и опозицијата, разбира се“, а госпожата Габриел директно од Софија им терцираше: „Не се само уставните измени“!

По којзнае кој пат Бугарија им го расипува расположението на нашиве слепци и нивните „интелектуални“ приколки потсетувајќи ги дека „условот“ не е осамен туку е придружен со Договорот за добрососедство и двата протоколи. А така убаво овие во Скопје мислеа дека извинувањето и (не дај боже) одговорноста ќе ги заменат со  хајка контра народот, а особено против опозицијата и евроскептиците! И одеднаш, Габриел „подмолно“ ги потсетува: „Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година. Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“.






Ако тоа не е чиста соседска „омраза“ – да не речам „садизам“ – и дотурање големо количество сол на свежата рана викана Брисел 2023, не знам што е. И одеднаш вчерашниот Брисел не е само втор Букурешт, туку навестува дека ќе има и трет, и четврти бидејќи, очигледно е веќе, вакви политикантски гарнитури како оваа се способни само за криминал а не за државни политики.

И од тие констатации никако нема да може да ги извлече ни онаа „интелектуална“ орда гласноговорници на власта. За тие локални гео-мудреци (ќе) има само еден валиден политички став – оној што ќе им го каже „газадата“. И никогаш нема да прифатат дека наметнатиот „услов“ за започнувањето преговори со ЕУ не е и не може да биде услов туку дека за такво „нешто“ има други, погрди имиња! И дека не е само тој, но и дека целиот ЕУ „процес“ беше воден дилетантски, дека ЕУ „политиките“ на власта се кисела зелка за сарма, дека нив ЕУ воопшто и не ги интересира итн. (Но и тоа е вид на специјална културна војна што се води во државава.)

Иако, всушност, тие цели три децении успешно воспеваат политиканти и криминалци и никако да се свестат дека нивните фаворити не само што не умеат туку и не сакаат оваа земја да порасне во нормална, демократска, просперитетна држава и членка на ЕУ. Сето досегашно, но и актуелново „глуматање“ дека сме можеле и ние да славиме е само уште една лоша едночинка со скиселен вкус во провинцискиов театар, иако властелинскиве гео-мудреци упорно ракоплескаат, пишуваат блескави критики и бараат „бис“.

Но ним, на овие квазиинтелектуалци кои гордо го носат беџот на советници за погрешни политики, тоа им е животната приказна. Можете само да замислите што морале да прават и низ што минувале за да дојдат до овие позиции – професорчиња, асистенчиња, советничиња, ексминистерчиња… кои се самоцитираат или се цитираат меѓусебно, какви сѐ ора вртеле… „Тешкото“ е за нив играрија. Како „школица“!

А не требаше многу, можеби година, година и половина, да се види дека ова е власт на шарлатани. И дека сепак не е можно ваква (да простите) приглупа номенклатура, веќе помодрена од удирање в гради и самофалби за „успешниот“ евроинтегративен пат, после толку потрошени пари до Брисел и назад, да не знаела дека во ЕУ има и таква „политика“ што се вика – прошетка? Или – пиење кафе? А ни нивниве советничиња тоа не им го кажале?

Но како, од друга страна, им се познати, да не речам интимно блиски, сите можни „коридори“ на општата и поединечните измами во земјава кога станува збор за лажење на македонскиот граѓанин, за манипулации со вистината, за „премостување“ на уставните и законските процедури, за еврознаменцата…? Ама „прошетките“ и „пиењето кафе“ во текот на гласањето за круцијални работи никој не им го кажал како податлив инструмент за влез во ЕУ? Ни тетка Урсула, ни љубимиот им Жан Мишел…, ниту пак локалниве професорчиња, асистентчиња и новинарчиња кои во принцип, демек, ги знаат сите патишта и козји патеки до ЕУ?

Сепак, проблемот е што овие шалабајзери не знаат ништо друго освен личниот интерес. Тука почнува и завршува нашето ЕУ патешествие. На страна што оној кој ќе приговори дека Македонија ниту беше спомната во Брисел ќе биде – во право! Па се разбира, а и зошто би ја спомнувале? И дали и тоа е некаква „проектирана иднина“ на оваа Недојдија?

Но нашиве јавно позиционирани гео-мудреци немаат одговор ни на многу други нешта бидејќи не добиле таква команда. На пример, зарем ЕУ сериозно би примила во нејзиното друштво вакви криминалци? И дали „условот“ не е само добредојдена одлична замена? И дали не треба „условот“ повторно да биде наметнуван како неопходно оправдување со цел да се заборави основното: сето она напишано во последниот Извештај на ЕУ?

А нема да прашаат ни зошто извештајот на Оценската комисија за Судскиот совет е – таен? Што има таму што јавноста не смее да го види? Како што остана тајна и оној германски извештај за болницата во Тетово, па договорот за фамозните коридори…, но и многу други нешта? Но нашиве „мудреци“ по стоти пат ќе држат лекции за Украина и Русија, ќе мудруваат за пропуштени шанси, ќе убедуваат дека не е време за плачење итн.

Меѓутоа, кога го слушате сега Заев, не можете а да не плачете. Од смеа, се разбира. Зашто, ако тој споделува, јавно, „став“ дека „(…) Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер“, а токму именованиот како водач на тимот сега е на т.н. „црна листа“ на САД заради криминал и корупција, тогаш нешто „не штима“, нели? А има и многу ефектни народни поговорки што прилично реално отсликуваат многу аспекти (и) на овој „случај“ и на „реакцијата“ на екс-премиерот. Но, она што никој не го кажува јавно – не знам зошто – е фактот дека токму владата на Заев го отвори патот на ваквите димензии на криминал и корупција во самите врвови на власта. Дали тој тоа го признава или не – негов проблем, но меѓународната заедница почна сериозно да ја апострофира оваа „епидемија“ токму во негово време!

И кога ќе видите кои други се на онаа „црна листа“, а и кои веќе утре ќе бидат, нештата стануваат ли појасни?

На пример дека криминалци ја воделе – и ја водат – и државата и „политиката“ во неа? И дека и понатаму ќе ја водат бидејќи овој (не само) изборен „систем“ тоа им го овозможува, а којшто тие никако не сакаат да го сменат? И некој очекува тие да нѐ одведат во Брисел? И дали и ова е некаква наша „проектирана иднина“?

Македонската приказна во овие три децении независност, самостојност и сувереност е приказна типична за некои (некогашни) јужноамерикански државички, а денес богами почнува да заличува и на некои актуелни афрички. Таквите приказни никако не можат да се наречат успешни, а најмалку демократски, прогресивни, цивилизирани… Ако државата, континуирано и во сите сегменти регресира, ако општеството се распаѓа, ако економијата е во катастрофална состојба…, сето тоа е резултат на еден и само на еден главен фактор: неспособна и неука власт!

Сето друго – криминалот, корупцијата, партократијата, непотизмот, неморалот, некултурата и др. – се само додавки што многу лесно се „лепат“ на главниот фактор. Со неуки и неспособни политиканти секогаш е лесно да се манипулира однадвор, а на неуките и неспособните со апсолутна власт секогаш им е лесно да манипулираат внатре. Кога таквата власт успешно ќе си дресира и орди „интелектуалци“, „професори“, „новинари“ и едно чудо невладини организации како позадина, тогаш војната однапред е добиена иако „победата“ поприма монструозен призвук.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини