Италијанската актерка Софија Лорен, филмска икона крунисана со два Оскара, вечерва во Рим го прославува својот деведесетти роденден, пишуваат италијанските медиуми.
„Софија Лорен е мит стар 90 години“, пишува Il Corriere, додека римскиот весник Il Messaggero оддава почит на „иконата на правата на жените“, а La Repubblica ја поврзува со нејзината француска колешка Брижит Бардо, која исто така ќе наполни 90 години на 28 септември.
Деведесеттиот роденден на Софија Лорен ќе биде одбележан и со ретроспектива во њујоршкиот Линколн центар. Јавната италијанска телевизија RAI деновите ќе емитува неколку филмови во коишто глумеше Лорен.
Легендата на седмата уметност, актерка и вдовица на починатиот продуцент Карло Понти, се врати на италијанските мали екрани во 2010 година во телевиски филм за нејзиниот живот во кој ја глумеше сопствената мајка. Во 2014 година, на нејзиниот 80-ти роденден, таа објави автобиографија со наслов „Вчера, денес и утре“.
Легендата на италијанскиот и на европскиот филм е родена на 20 септември 1934 година, а вечерва таа ќе дува 90 свеќи на приватна забава организирана во луксузен хотел во историскиот центар на Рим.
Откако во римското кино во студиото „Cinecittà“ ќе биде почестена од бројни гости, меѓу кои и италијанскиот министер за култура Алесандрио Џули, актерката ќе вечера со околу 150 пријатели, колеги и членови на семејството на луксузната тераса на хотелот каде свечено ќе отвори апартманот што го носи нејзиното име, пишува Corriere della Sera.
На врвот на нејзината кариера во Холивуд, нејзините партнери беа најголемите актери во тоа време, од Ентони Квин и Кларк Гејбл до Марлон Брандо, Кери Грант, Питер Селерс, Џон Вејн и Френк Синатра.
Не само што е актерка, Лорен е и успешна продуцентка и писателка и е пример за многу жени низ светот. Нејзината кариера е исполнета со награди, вклучувајќи два Оскарa и многу други признанија, што ја потврдува нејзината посветеност на уметноста.
– Моите родители не ми оставија богатство, но ми оставија достоинство и самопочит“, споделува таа, илустрирајќи ја важноста на вредностите кои ја воделе низ животот.
Софија Лорен последен пат глумеше во филмот „La vie avant soi“ од 2020 година, адаптација на романот на Ромен Гери во режија на нејзиниот син Едоардо Понти.