Социјална помош и за 700 лица кои досега не биле во евиденцијата на матичната книга на родени

344

Министерството за труд и социјална политика го проширува опфатот на социјалната заштита и за лицата кои досега не беа евидентирани во системот преку нови измени на Законот за социјална заштита. Со измените, за кои денеска расправаше собраниската Комисија за труд и социјална политика, се овозможува приматели на социјална заштита да бидат и лицата кои добиле извод од посебната матична книга на родени, во согласност со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени.

Станува збор за околу 700 лица кои ќе добијат можност да станат приматели на гарантирана минимална помош, како и други парични права и социјални услуги. Дел од предложените измени и дополнувања произлегуваат од практичната примена на Законот за социјалната заштита. Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита се заснова на истите начела на кои е заснован и Законот за социјалната заштита.






Членовите на Комисијата го разгледаа и дадоа поддршка и за Предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на децата со кој се предвидува во услови на пандемија, како што е сега, да не важи одредбата од постојното законско решение за остварување на правото на додаток за образование детето да присуствува на најмалку 85 отсто од вкупниот број реализирани наставни часови.

– Со Законот за дополнување на Законот за заштита на децата се додава нова одредба со која се утврдува начинот на остварување/користење на правото на додаток за образование во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), при што нема да се врши проверка на исполнетост на условот за присуство на најмалку 85% од вкупниот број на реализирани наставни часови за секој од мерните периоди од член 39-е од Законот за заштита на децата – се вели во Предлог-законот.

Предложените дополнувања на Законот за заштита на децата ги содржат  следниве решенија – во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), се овозможува зголемување на пристапот до правото на додаток за образование за деца од домаќинства/семејства со ниски примања, на начин што проверката на исполнетост на условот за присуство на најмалку 85 отсто од вкупниот број на реализирани наставни часови за секој од мерните периоди, заради исплата на додатокот за образование нема да се врши.

Претходно во претпладневниот дел од Седницата Комисијата за труд и социјална политика го поддржа и Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Поврзани содржини