Социјалдемократијата во слободен пад во Европа
Повеќето аналитичари се согласуваат дека губењето на избирачките гласови се должи на идеолошкото свртување на данските социјалдемократи кон десно.
„Одговорноста е моја“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен откако стана јасно дека нејзината социјалдемократска партија претрпе пораз во речиси цела Данска на локалните избори што се одржаа деновиве. Посебно тежок е поразот во Копенхаген, бидејќи за првпат од 1903 година, социјалдемократите ја изгубија власта во данската метропола.
Исходот на данските избори доаѓа како уште една потврда дека социјалдемократијата продолжува да ја губи почвата во Европа. Дури и во Скандинавија, најсилното упориште на социјалдемократијата во светот, партиите што доминираа долго време ги губат своите позиции.
Во Данска социјалдемократите и понатаму ја предводат владејачката коалиција на државно ниво. По парламентарните избори во септември годинава во Норвешка, социјалдемократскиот премиер Јонас Гар Сторе успеа да освои втор мандат. Но сепак, најголем пораст на норвешките избори забележаа десничарските популисти.
Шведските социјалдемократи се во опозиција, но и понатаму имаат најголеми симпатии меѓу избирачите, околу 35 проценти, според сондажите кои се прават во пресрет на парламентарните избори кои во Шведска треба да се одржат во септември 2026 година. Но, по поразот на данските социјалдемократи на локалните избори, критичарите повторно укажуваат на ризиците во стратегијата за која се определи нивната сестринска партија во Шведска, преземајќи делови од данските социјалдемократски заложби, кои деновиве беа казнети од страна на данските избирачи.
Лидерката на шведските социјалдемократи, Магдалена Андерсон, црпи голема инспирација од нејзината данска сестринска партија, особено за прашања поврзани со криминалот и сегрегацијата во општеството. Предлогот за уривање на становите во градски подрачја населени со бегалци и мигранти е пример што беше испробан во Данска. Во изборната кампања во 2022 година беше критикувана изјавата на Андерсон дека Шведска не треба да има никакви „Сомалиски квартови“, а што исто така има јасни сличности со реториката на данските социјалдемократи.
Со строги казни и строга миграциска политика, данската премиерка Фредериксен во голема мера успеа да ја избрише десничарската популистичка Данска народна партија од политичката мапа. По 2022 година таа формираше центристичка влада заедно со две либерално-конзервативни партии. Пресвртот и овозможи на Фредериксен да ја зајакне својата позиција како еден од ретките социјалдемократски премиери во Европа. Но, тоа ја чинеше партијата скапо.
Повеќето аналитичари се согласуваат дека губењето на избирачките гласови се должи на идеолошкото свртување на данските социјалдемократи кон десно. Токму затоа многумина предупредуваат дека Магдалена Андерсон, која како лидер на една од најголемите социјалдемократски партии во Европа се подготвува за изборната кампања во Шведска следната година, таа треба да учи од грешките на Мете Фредериксен. Данските социјалдемократи се уште ја имаат премиерската функција. Но, како што беше забележано во еден коментар, „тие ја изгубија својата душа“.
Нема никакво сомнение дека социјалдемократските партии одиграа клучна улога во реконструкцијата на демократијата во Западна Европа по Втората светка војна во 1945 година, а нивните заложби во голема мера се сè уште централни за демократијата во Европа денес. Во повоениот период, овие партии имаа клучни политички функции и исполнуваа важна идеолошка ниша.
Но, според актуелните назнаки во политичките прегрупирања во Европа, социјалдемократските партии моментно не нудат големи надежи за подобрување на ранливите и сиромашните групи во општеството, како што некогаш правеа од 1920-тите години па наваму. Новата генерација социјалдемократски политичари идеолошки се оддалечи од традиционалниот колосек и го изгуби контактот со корените на работничкото движење. Оние кои денес се невработени или примаат социјална помош не се членови на социјалдемократските партии. Социјалдемократските политичари, всушност, немаат контакт со споменатите групи. Социјалдемократските партии во Европа до одреден степен ги задржуваат позициите меѓу своите гласачи во средната класа и во моментов се грижат за интересите на оваа општествена група.
Како што стојат сегашните трендови, социјалдемократските партии ќе продолжат со својот тренд на опаѓање, а во уште повеќе европски земји тие може да бидат маргинализирани во иднина. Многумина критичари укажуваат дека социјалдемократите немаат ништо посебно да им понудат на гласачите од работничката класа, туку ќе се вртат кон средна класа која сега е донекаде и радикална.
Времињата на големите реформи во Европа во добар дел се поминати. Речисти сите граѓани во ЕУ имаат здравствено осигурување, пензии и бесплатно основно образование. Многумина имаат законски утврдени минимални плати и колективни договори. Токму затоа, проблемот на социјалдемократите е да изнајдат нови прашања кои можат да ангажираат широки избирачки групи во едно време кога чувството на класна припадност е на пат да биде избришано.
Подобрувањето на условите на пазарот на трудот и отворање на нови работни места бара и една посилна идеолошко-политичка спрега и соработка меѓу социјалдемократите и синдикатите – во интерес на работниците и обичните граѓани. Токму како што во Шведска, кога се зборува за историската поврзаност на социјалдемократската партија со синдикалните движења, тој односн традиционално се означуваше како „две гранки на исто дрво“.
Праведноста и правичноста можат да имаат смисла како обединувачко ткиво на општеството само доколку се базираат врз нови, успешно спроведени и „опипливи“ реформи. Најважното во таа смисла не е голото повикување на клучни вредности, туку оние кои ја водат политиката да знаат, пред сè, во која насока плови бродот, за да можат и на другите да им покажат на морската мапа дека ги гледаат островите во далечината.
Што се однесува до СДСМ, македонските социјалдемократи, и по големите изборните порази, секако и понатаму сакаат да се вбројуваат и да се сметаат за една од прогресивните социјалдемократски европски партии, нудејќи ја својата визија за изградба на праведно општество кое ќе ги штити слабите и ранливите. Но таа слика се чини може да заврши и како одблесок од сопствениот лик од огледалото, зад кое всушност се шири вистинската слика на општеството во која на идеолошкиот компас на македонските социјалдемократи избирачите се помасовно му го вртат грбот.