Напладне е закажано продлжението на собраниската конститутивна седница, на која досегашниот прв човек на Собранието, Талат Џафери, треба повторно да биде избран за претседател на парламентот. Од Собранието информираат дека претседавачот веднаш ја закажал седницата откако 62 пратеници доставиле предлог за избор на Џафери за претседател на Собранието. Плусинфо вчера напиша дека се собрани пратеничките потписи за продолжување на конститутивната седница.
Предлогот за избор на Џафери е поднесен во Собранието со потписи од сите 62 пратеника парламентарното мнзисинство што го сочинуваат СДСМ и Коалицијата „Можеме“ со Беса, ДУИ и ДПА.
Петседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.
По изборот, претседателот на Парламентот во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев. Рокот за поднесување предлог за избор на нова Влада е 2 септември.
Од Собранието информираат дека со цел целосно да се испочитуваат безбедносните протоколи предвидени од Комисијата за заразни болести конститутивната седница ќе може да ја следат само двајца претставници од секој медиум, односно само оние што веќе се пријавени до Одделението за односи со јавност на Собранието за седницата што беше закажана за 4 август 2020 година.
Претставниците на медиумите пренос од седницата ќе можат да следат во салите 3 и 4 во Прес центарот на Собранието на Република Северна Македонија.
Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.
Со цел да се обезбеди поголема здравствена заштита, а со оглед на тоа дека станува збор за голем настан, кој ќе се одвива во затворен простор, на сите присутни во зградата им се препорачува да го лимитираат движењето низ зградата и постојано да носат заштитна маска.