СОБРАНИЕТО ИМ ИЗГЛАСА НЕДОВЕРБА НА ВЕСНА ДАМЕВА И НА ПАВЛИНА ЦРВЕНКОВСКА На ред е интерпелацијата на Селим Адеми
Интерпелацијата не значи и разрешување на членовите на Судскиот совет, но значи дека органот што ги назначил повеќе не им верува, па ним им останува моралната одговорност самите да поднесат оставки.
Со 77 гласа Собранието попладнево изгласа недоверба на Весна Дамева, член на Судски Совет, а со 76 гласа „за“ изгласа недоверба на Павлина Црвенковска.
На ред е интерпелацијата на членот на Советот, Селим Адеми. До крајот на денот се очекува Собранието да ги изгласа и интерпелациите и на Тања Чачарова Илиевска и на Миљазим Мустафа.
Овие 5 члена на Судскиот совет се истакнати правници избрани со гласови на пратениците, а останатите 8 членови се судии.
Предлозите за интерпелација ги поднесоа 67 пратеници од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и на ЗНАМ, а поддршка дадоа и пратениците на опозициската Левица.
Пратениците на опозициската СДСМ, пак, ја напуштија седницата откако пратеникот Оливер Соасивски интерпелациите ги оцени како упад во судството.
Според заклучокот на интерпелацијата за Дамева, таа имала значителен придонес во загрозувањето на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонела за падот на довербта на граѓаните кон судството. Се наведува дека таа ја занемарила и не ја извршувала својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губи легитимитетот да учествува и одлучува во работата на Судски совет.
Интерпелацијата не значи и автоматско разрешување на членовите на Судскиот совет. Но, изгласаната недоверба значи дека органот што ги назначил, повеќе не им верува, па ним им останува моралната одговорност сами да поднесат оставки.
Претходно на расправата, Ѓорѓија Сајкоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека интерпелациите на 5 членови на Судскиот совет се клучен момент во борбата за владеење на правото и довербата во институциите.
– Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите и со овие поднесени интерпелации ние почитувани, не му судиме на судството. Со овие поднесени интерпелации ја детектираме одговорноста на оние коишто требало да бидат коректив, оние коишто требало да носат правда и коишто треба да воспостават она што требаше да биде судска власт – рече тој.