СОБРАНИЕТО ГО ОСЛОБОДУВА СУДСТВОТО ОД ПОЛИТИЗИРАНИОТ СУДСКИ СОВЕТ Интерпелацијата доби поддршка од Левица, СДСМ ја напушти седницата

Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите и со овие поднесени интерпелации ние не му судиме на судството. Ја детектираме одговорноста на оние коишто требало да бидат коректив, да носат правда и да го воспостават она што требаше да биде судска власт, рече пратеникот Ѓорѓија Сајкоски.

402

Оваа е многу значајна дискусија, за ослободување на судството од партиските стеги и за враќање на довербата на граѓаните во руинираниот правосуден систем во Македонија. Довербата е урнисана и е на историски најниското ниво од 2 отсто заради лошите решенија на Судскиот совет, кој не ја исполни задачата да ја чува независноста на судството. Ова е накратко суштината за интерпелацијата на 5 члена Судскиот совет што ја изнесе пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

67 пратеници од владејачкото мнозинство минатиот месец поднесоа интерпелација за 5 члена на Судскиот совет кои се избрани од Собранието – Весна Дамева, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа.

– Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите и со овие поднесени интерпелации ние не му судиме на судството. Ја детектираме одговорноста на оние коишто требало да бидат коректив, да носат правда и да го воспостават она што требаше да биде судска власт – рече Сајкоски.

Наместо тоа, потенцира Сајкоски, тие направија девастирано судство, го повлекоа и Обвинителството во тоа и направија недоверба каква што не се памети во ниту една држава во светот.

– Судскиот совет треба да донесе квалитетни судии, но треба да ги разреши и судиите коишто не ги исполниле очекувањата – рече Сајкоски.

Независноста на судството, рече тој, не значи дека Судскиот совет не треба да има одговорност.

– Напротив овој орган треба да ја гарантира чесноста и професионалноста на судскиот систем, треба да биде најподложен на контрола и треба да биде отчетен. Оваа иницијатива не е водена од политички, партиски или лични интереси. Ја поднесуваме затоа што работата на Судскиот совет изминативе години ги премина сите фази на достојно и прифатливо однесување – истакнува Сајкоски.

Членот на Советот и поранешна претседателка Весна Дамева, од собраниската говорница рече дека за неа постојано се кажуваат политички невистини и омаловажувања за да се наруши нејзиниот углед, но таа не реагирала, затоа што, како што рече, е подготвена да ја девалвираат политичари на кои не им одговараме.

– Не им одговарав на поединци и од претходната власт, затоа што одлуките не ги носам под влијанија и не дозволив заканите да ме исплашат. Но, тоа беше болно за моето семејство, кое не е должно да ги трпи политичките игри. Дали мора во политиката да се гази врз живи луѓе – рече Дамева.

Таа додаде дека секогаш е подготвена за критика, но за конструктивна, а не за малициозна критика.

– Гордо стојам пред вас, за последен пат. Мојот мандат завршува за 9 месеци. Не дојдов да се правдам, туку да застанам зад владеењето на правото, на страната на независната судска власт, на страна на Уставот. Тоа ми е должност и одговорност. Ова е директен упад врз судската власт и нејзината независност. Не е причина неусвојувањето на годишниот извештај, кој содржи само статистички податоци. И во 2016 година не беше усвоен годишниот извештај и тогаш немаше интерпелација – рече Дамева.

Таа потенцираше дека интерпелацијата е инструмент за политичка контрола над Владата и над други носители на јавни функции, но не и над судската власт.

– Ова го вели Светомир Шкариќ во книгата „Уставно право“, на која рецензент е сегашната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Според него, интерпелација може да се постави за Владата и за секој нејзин член одделно – рече Дамева.

Таа додаде и дека граѓаните бараат правда и напуштање на неказнивоста, но проблемот нема да се реши со интерпелацијата, туку ќе се продлабочи. Според неа, ќе се направи опасен преседан, а одговорноста треба да е индивидуална, а не колективна.

– Никој не може да ме контролира и да ме заплаши, а тоа ме наведува на заклучокот дека на политиката во судството ѝ требаат послушници. Под велот на интерпелација се врши директен напад на судската власт – рече Дамева.

Micevski

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше дека Даева одржала политилки говор пред пратениците, сакајќи да се промовира како жртва. Тој објасни дека интерпелациите не се напад врз судската власт, како што толкуваат Дамева и нејзините колеги.

– Судскиот совет не врши судска власт, судската власт ја врат судовите. Секој обид членовите на Судскиот совет да се поистоветат со судиите е надвор од Уставот. Собранието ги избрало овие 5 члена и нив ги повикува на одговорност. Свесни сме дека немаме право да ги повикуваме на одговорност останатите 8 члена на Советот, кои се судии. Нив, според законите, треба самите судии да ги повикаат на одговорност. Судиите сега треба да дадат одговор дали ќе покренат иницијатива да се разрешат и останатите членови на Сускиот совет – рече Мицевски.

Тој потенцираше дека ова не е политика интервенција, туку обид да се запре политичката контрола врз Советот.

Оливер Спасовски од СДСМ рече дека овие интерпелации се преседан и упад во судството.

– Ова го руши поредокот на поделба на власта и е повреда на начелото на еднаквост на членовите на Судскиот совет – рече Спасовски.

Тој додаде дека СДСМ нема да учествува во расправата и гласањето за интерпелациите, по што пратениците од оваа опозициска партија ја напуштија собраниската сала.

Пратеникот Борислав Крмов претходно најави дека пратениците на Левица ќе ги поддржат интерпелациите.

Поврзани содржини