СОБОРЕН РЕКОРД СО „СВЕТИОТ ГРАЛ НА ФИЗИКАТА“ Дали е ова крајот на енергетскиот проблем? (ВИДЕО)
Рекордот го постави тим од дури 4.800 истражувачи, експерти, студенти и учесници од цела Европа во рамките на конзорциумот „EUROfusion“, финансиран од Европската комисија.
Научниците за фузија, собрани во еден од најголемите истражувачки конзорциуми – „EUROfusion“, соборија нов рекорд со ослободување на постојана фузијска енергија од неверојатни 59 мегаџули. Ова достигнување на „JET“ во Обединетото Кралство, најголемиот и најмоќниот оперативен токамак (фузијски реактор) во светот, е демонстрација на целосниот потенцијал на фузијата во обезбедувањето безбедна, одржлива и ниска јаглеродна енергија.
Рекордот го постави тим од дури 4.800 истражувачи, експерти, студенти и учесници од цела Европа во рамките на конзорциумот „EUROfusion“, финансиран од Европската комисија.
Фузија е процес на спојување на јадрата на лесни атомски елементи, со што се ослободува голема количина на енергија. На пример, само 0,17 милиграми од мешавината на фузионо гориво (околу 0,1 mg тритиум и 0,07 mg деутериум) беа потребни за да се генерираат рекордни 59 мегаџули енергија. За споредба, фосилните горива ќе бараат 10 милиони пати повеќе гориво за да се произведе иста количина на енергија (1,06 kg природен гас или 3,9 kg лигнит).
Клучен извор на енергија
Во процесот на реализација на фузијата како извор на енергија, клучен чекор е да се научи како да се креираат и контролираат високо-енергетски плазми. За тоа, научниците користат и експерименти кои се спроведуваат на уреди како што е „JET“ (Joint European Torus), најголемиот оперативен токамак во британскиот центар Калхам, каде што се спроведуваат експерименти од 1984 година. Станува збор за уред кој постигнува температури до 10 пати повисоки од оние во центарот на Сонцето. Овој уред е клучната станица за почеток на работа на Меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор (ИТЕР), кој се гради во францускиот нуклеарен центар во Прованса.
ИТЕР, вреден околу 22 милијарди евра, е најголемиот меѓународен научен проект на денешницата, во кој заедно соработуваат ЕУ, Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Индија, Русија и САД. Овие често политички спротивставени земји се обединети во заедничката намера да создадат „мини Сонце“ на Земјата, односно да ги решат енергетските проблеми на нашата планета со производство на енергија преку фузија. Изградбата на ИТЕР започна во 2006 година и се очекува да биде завршена околу 2025 година.
„JET“ може да постигне услови слични на оние во ИТЕР и идните електрани со фузија, и е единствениот оперативен токамак во светот кој може да ја користи истата мешавина на гориво деутериум-тритиум (D-T) планирана за овие уреди.
Новиот рекорд за фузијска енергија беше поставен како дел од експерименталната кампања започната од „EUROfusion“ за да се демонстрира обемот на достигнувања во истражувањето на фузија во текот на две децении истражување и оптимално да се подготви за лансирање на ИТЕР, поголема и понапредна верзија на „JET“.