ЕЛАТЕ НА МИТИНЗИ БЕЗ МАСКИ, А ПОТОА ЌЕ ПЛАЧЕМЕ ЦЕЛА ЗИМА На митинзите не се бараат сертификати, а не се почитуваат и ковид-протоколите

Граѓаните реагираат дека на митинзите на повеќето политички партии ретко кој од кандидатите за градоначалници и за советници носат маски, a меѓу себе и со граѓаните срдечно се поздравуваат и се прегрнуваат. Меѓу нив е и министерот за здравство.

1,471

Па за нив не важат ниту устав, ниту закон, ниту протокол, ниту маска… А за нас веднаш има казна и тоа во рок од 8 дена (колку великодушна власт), во спротивно дупло, вели еден граѓанин на социјалните мрежи.

Многу револтирани граѓани реагираат дека на митинзите на повеќето политички партии ретко кој од кандидатите за градоначалници и за советници, но и присутни партиски лидери и министри, носат маски, а меѓусебно и со граѓаните срдечно се поздравуваат и се прегрнуваат. Исто така, може да се забележи дека многу ретко се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, но и барањето на сертификат за вакцинација и за прележан коронавирус во последните 45 дена, како што стои во владината одлука.






– Собирајте се што повеќе. Потоа ќе плачеме цела зима, затоа што ќе нè затворат, а и ќе бидеме први во сè, во цел свет. Очекувајте уште еден висок бран на заразени предизвикани од кампањите на партиите, затоа што масовно не се почитуваат протоколите. Ало, Комисија, брзо реагирајте! – вели друг револтиран граѓанин.

Граѓаните прашуваат каде се сега инспекциите да реагираат, кога вирусот го има и во училиштата.

– Секако треба да поучи малку и вирусов да научи да пишува, да чита и да раскажува, оти после избори се знае – полициски час, карантин, маски и така натаму. Сега пустиот вирус го нема никаде, скриен е во дупка, ах народе што ни било пишано – пишува една граѓанка на социјалните мрежи.

Според владината одлука, актуелните протоколи предвидуваат задолжителен ковид-документ за присуство на настани дури и на отворено.

– Се дозволува организирање и одржување на настани на отворено до 50% од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од ковид-19, со поседување сертификат за примена најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена – се предвидува во решението донесено на 101-та владина седница.

Се поставува прашањето кој е одговорен за контрола на предизборните настани на отворено и дали тие се организираат според протоколите, но дали партиите бараат сертификат за присуство. Со оглед на тоа што настаните се на јавен простор, од инспекторатите велат дека тоа не е нивна надлежност.

Штур одговор на нашите прашања добивме од Министерството за здравство. Наместо конкретен одговор кој треба да врши контрола, зошто за други настани се бараат сертификати а за митинзите не, од ресорот упатуваат апел за почитување на протоколите.

– Министерството за здравство не е организатор на партиските митинзи. МЗ апелира до сите политички партии да ги почитуваат протоколите за заштита од ковид-19 – гласи кусиот одговор.

Да биде бељата поголема, дури и самиот министер за здравство, Венко Филипче, присуствува на партиски собири на кои не се почитуваат протоколите, а ни тој самиот не носи маска.

Поврзани содржини