СО ЗАПАЛЕНИ ГУМИ ГО ЗАПРЕА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТОТ БИТОЛА-РЕСЕН Нови блокади поради одземени возила
АМСМ потврдува целосен прекин на сообраќајот, премиерот Мицкоски најави „жесток одговор“ за секое нарушување на јавниот ред и безбедност.
Ромите кои вчера го блокираа магистралниот пат Битола–Ресен поради одземени возила, денеска повторно поставија блокади и го затворија овој патен правец, палејќи гуми, отпад и други предмети, како и претходниот ден.
Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) потврдуваат дека сообраќајот е целосно во прекин. Според нивната информација, во 14:30 часот на магистралниот пат А3 Битола – Ресен, кај населбата Баир во Битола, патниот сообраќај е запрен поради јавен собир, а возилата се пренасочуваат низ градот Битола.
Претходно во текот на денот, истата група граѓани протестираше и пред зградата на СВР Битола, изразувајќи револт поради новите законски измени со кои полицијата има право да ги одзема возила на лицата кои ги управуваат без возачка дозвола.
Протестантите бараат укинување на законот што неодамна стапи во сила, тврдејќи дека е дискриминаторски и дека голем дел од нив немаат услови да положат за возачка дозвола поради незавршено образование.
Во врска со вчерашните и денешните случувања реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави остар одговор од институциите.
„Разговарав денеска утрово со министерот за внатрешни работи и она што го побарав од него е за секој оној кој го прекршил законот, се заканувал или го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори дивеењето од вчера“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи граѓани масовно изразуваат поддршка за спроведувањето на законите за безбеден сообраќај и за системот „Безбеден град“, барајќи државата да не попушта пред закани и блокади.
Инаку, вчера групи граѓани од ромска националност со палење гуми, дрва и отпад блокираа повеќе патишта низ државата, при што упатуваа и сериозни закани. Протестите се однесуваа на мерките на полицијата за одземање возила на лица кои управуваат без положен возачки испит.
Од АМСМ информираат и дека од 11:30 часот е во прекин сообраќајот и на магистралниот пат А1 Прилеп – Градско, кај крстосницата за селото Ореовец на планинскиот превој Плетвар, каде околу 150 лица поставиле возила, гуми и други предмети на коловозот.