СО ЗАКАНА ПО ЖИВОТОТ МУ ИЗНУДИЛЕ 40.000 ЕВРА Истрага против тројца турски државјани за изнуда во Скопје

Оштетениот на 6 септември дошол во државава со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал телефонски преку мобилна апликација, му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70.000 евра, соопшти Јавното обвинителство.

84

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против тројца турски државјани за кои постојат сомненија дека сториле кривично дело Изнуда, односно, со сериозна закана по живот, присилиле еден оштетен, исто така државјанин на Република Турција, да им исплати 40.000 евра.

Тројцата осомничени се товарат по член 258 став 2 од Кривичниот законик.






„Оштетениот на 6 септември дошол во државава со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал телефонски преку мобилна апликација. Му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70.000 евра. Му испраќал и пораки со заканувачка содржина дека ќе го најде и во Македонија и ќе го убие доколку не продолжи да му плаќа рекет. На 28 септември во земјава пристигнале другите двајца осомничени, од кои едниот внук на првоосомничениот и веднаш го контактирале оштетениот со намера да ги земат парите. Се договориле да се сретнат со жртвата во еден трговски центар, па кога тој им го предал ковертот во кој се наоѓале обележани парични средства веднаш биле лишени од слобода“, соопшти Обвинителството.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги прикријат трагите или да влијаат врз сведоците, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, јавниот обвинител предложил на двајцата уапсени осомничени да им биде определена мерка притвор. Во однос на првоосомничениот се преземаат дејствија за негово лоцирање со цел обезбедување за натамошната постапка, соопшти Јавното обвинителство.

Поврзани содржини