СО ЗАЕВ ПАДНА И ЦЕЛОТО РАКОВОДСТВО НА СДСМ Партијата ги утврди следните чекори, ама ќе ги соопшти следната недела
Претставниците на сите партии од парламентарното мнозинство потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразија поддршка на влада од оваа парламентарно мнозинство, соопшти СДСМ.
Со оставката на претседателот Зоран Заев, во оставка е и целото раководство на СДСМ, информираше денеска партијата преку соопштение и наведе дека на денешниот состанок на раковоството биле утврдени следните чекори на СДСМ кои од наредната недела ќе им бидат соопштени на граѓаните.
„На денешниот состанок на раководството се утврдија следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста, граѓаните, ќе бидат информирани. Во врска со одредни шпекулации, напоменуваме дека согласно статутарните одредби на партијата, со оставката на претседателот Заев во оставка е и целото раководство на СДСМ. Имајќи го предвид интересот на граѓаните и актуелната политичка состојба во земјата, информираме дека во тек се секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство на СДСМ. На денешниот состанок на раководство на СДСМ претседателот Зоран Заев информираше за консултациите и разговорите со коалициските партнери“, соопшти СДСМ.
Таму е наведено дека парламентарното мнозинство е одговорно за иднината на државата и народот и во оваа насока се воделе разговорите со сите коалициони партнери од парламентарното мнозинство.
„Претставниците на сите партии од парламентарното мнозинство потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразија поддршка на влада од оваа парламентарно мнозинство. На Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните посебно во време на пандемијата и енергетска криза со јасен евроатлантски курс на дејствување. Заедно со претседателот Зоран Заев, раководството работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата“, соопшти СДСМ.