СО ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА НЕ СЕ ВЛЕГУВА ВО ЕВРОЗОНАТА Европската комисија ѝ забележува на Бугарија и за високата корупција
Бугарија требаше да го воведе еврото од почетокот на 2024 година, но пред неколку дена беше објавено дека не исполнува некои од критериумите, главно поради високата инфлација.
Можен датум за влез на Бугарија во еврозоната е 1 јануари 2025 година, вели во интервју за НОВА Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Европската комисија (ЕК). Тој е во посета на Бугарија и денеска ќе има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, со вршителот на должноста премиер Галаб Донев и со министри.
Домбровскис изјави дека главната работа што кочи на патот кон еврозоната е инфлацијата. Бугарија требаше да го воведе еврото од почетокот на 2024 година, но пред неколку дена беше објавено дека не исполнува некои од критериумите, главно поради високата инфлација.
– Критериумот за инфлација е предмет на евалуација од експерти од ЕК. Оваа оценка укажува дека критериумот не може да се покрие – рече Домбровскис.
Тој смета дека меѓу првите чекори за контрола на инфлацијата е скротувањето на цените на енергијата.
Според него, тоа е проблем не само за Бугарија, туку и за цела Европа.
– Второ, тоа се мерките за поддршка на стопанството. Фискалната политика мора да биде стабилна, затоа мерките за поддршка мора да бидат привремени и насочени – прецизира Домбровскис.
На темата за корупција на високо ниво и санкциите Магнитски, Домбровскис изјави дека најважното нешто во борбата против корупцијата и перењето пари е националното законодавство, пренесе БТА.
– Бугарија треба да донесе некои важни закони во борбата против перењето пари – додаде тој.