СОЈУЗОТ НА СТОПАНСКИ КОМОРИ КАЗНЕТ ПОРАДИ ЛАЖНИ ИЗЈАВИ Комисијата за заштита на конкуренцијата му изрече глоба поради тежината на прекршокот
Сојузот на стопански комори на Македонија ќе треба да плати глоба во висина од 0,8747%, од приходите остварени во 2024 година поради тежината на прекршокот и последиците предизвикани од прекршокот.
Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение за изрекување прекршочна санкција за Сојузот на стопански комори на Македонија поради давање неточни, нецелосни податоци и податоци кои можат да ја доведат во заблуда Комисијата за одлучување по прекршок.
„Комисијата по допрен глас поведе постапка против Сојузот на стопански комори и против четири големи ланци на маркети поради постоење сомневање за картелско здружување што е строго забрането согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Во текот на постапката иако претходно опоменати од страна на овластените лица од Комисијата за заштита на конкуренција дека давањето на неточни и нецелосни податоци е казниво согласно член 61 став (1) точка 10) од Законот за заштита на конкуренцијата, извршниот директор и потпретседателот на Комората свесно давале неточни податоци за улогата на Комората и нејзините овластени лица во организацијата на склучувањето на забранет договор (картел) помеѓу четирите големи ланци на маркети“, соопшти Комисијата.
Оттаму додаваат дека при контрола на службената комуникација на овластените лица во Комората, Комисијата за заштита на конкуренцијата јасно утврдила дека истите имале активна улога во процесот на договарање и свесно давале неточни и нецелосни податоци заради избегнување на одговорноста за картелско здружување.
Имајќи ги предвид тежината на прекршокот и последиците предизвикани од прекршокот, КОП износот на глобата го утврдува во висина од 0,8747%, од приходите на ССКМ остварени во 2024 година.