СОЈУЗОТ НА СИНДИКАТИ ПОВТОРНО ЌЕ ИЗЛЕЗЕ НА УЛИЦА Не помина барањето за минимална плата од 600 евра

Претставниците на Сојузот на синдикатите ја напуштија денешната седница на економско-социјалниот совет на која се расправаше за висината на минималната плата.

172

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, ја напушти денешната седница на Економско-социјалниот совет, што се одржа во Владата, поради, како што објави на својот фејсбук-профил, незадоволството од износот на усогласувањето на минималната плата.

– Денеска, на мала врата се обидоа да утврдат усогласување на минималната плата за речиси 1.600 денари, во што ССМ нема мандат да учествува и ја напушти седницата на ЕСС. Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми. За жал, борбата продолжува повторно на улица на средината на март – напиша претседателот на Сојузот на синдикатите, Слободан Трендафилов, на „Фејсбук“.






ССМ бараа зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска на прес-конференција во Владата, по седницата на ЕСС, изјави дека минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари во нето-износ во согласност со законското усогласување што се прави во март. Тоа значи дека работниците во април ќе земат зголемена минимална плата за овој износ или поточно 26.046 денари во нето-износ.

– Ова е системско и законско решение, кое предвидува зголемување на минималната плата во согласност со економските движења, штитејќи го животниот стандард на работниците и водејќи сметка за економијата на нашата држава – рече Дурмиши на прес-конференција.

Поврзани содржини