СО УЧИЛИШНАТА КОШНИЧКА ЗАШТЕДЕНИ ДО 2.000 ДЕНАРИ ПО УЧЕНИК Есенската кошничка ќе трае до 31 октомври
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески вели дека со владината мерка, која заврши на 20 октомври, цените на училишниот прибор биле намалени во просек од 25 до 30 отсто.
Мерката „училишна кошничка“ заврши на 20 октомври и со неа се овозможи заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, рече денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
– Со училишната кошничка намалувањето на цените на производите беше околу 20 до 50 отсто или во просек, од 25 до 30 проценти. Заштедата по ученик е од 750 до 2 000 денари. По завршувањето на есенската кошничка ќе излеземе со официјален податок колкава е заштедата на една просечна фамилија за основните прехранбени и земјоделски производи – рече Ристески.
Училишната кошничка беше воведена на 3 септември како економска мерка, а опфати школски чанти, прибори, тетратки, блокови, моливи и пенкала, гуми за бришење, фломастери и боици, острилки, линијари, шестари и хартија за фотокопирање, маркери, мрсни боици, акрилни, водени бои и четки, линеарни и дидактички материјали итн. Целта беше овие производи да се продават по прифатливи цени.
Есенската кошничка беше објавена на 20 септември, а ќе трае до 31 октомври. Со оваа мерка се намалени маржите на оризот, брашното, тестенините, маслото, млекото, јогургот, млечните производи, зеленчукот и овошјето.