СО СВОЈ „СТАП“ ПО СВОЈА ГЛАВА Гласачите ја наплатија арогантноста на СДСМ, предвремени избори ќе се одржат следната година?
Една од главните причини за дебаклот што го доживеа СДСМ на локалните избори е арогантното однесување на функционерите во изминатиот период, а голема улога игра и раздорот во самата партија, коментираат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо.
Разликата од 55.000 гласови на локалните избори во корист на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја тресе стабилноста на актуелното парламентарно мнозинство, а од партијата на Христијан Мицкоски гордо најавуваат дека во идниот период активно ќе водат разговори со помалите политички партии кои се дел од владејачката коалиција со цел промена на власта.
Окрупнување на опозицијата најави и Левица, која на овие локални избори забележа резултат кој е за 15 пати подобар од минатите локални избори и дури четири пати подобар од парламентарните избори, освојувајќи советници во 30 општини.
Но, така не мисли лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој му порача на Мицкоски да не се надева, затоа што парламентарното мнозинство се окрупнува и ќе биде уште постабилно по вториот круг на локалните избори.
Сличен став дели и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека нема да има нови предвремени парламентарни избори и потреси.
Според аналитичарите со коишто разговараше Плусинфо, резултатите од локалните избори се очекувани со оглед на арогантноста што ја покажала владејачката партија во изминатите четири години, а како што посочуваат, најдобро за дебаклот говори анализата на освоените гласови на локалните избори во 2017 година, а на која е прикажано дека гласачкото тело на СДСМ овојпат е преполовено во скоро секоја скопска општина.
Како што пишува Борис Георгиевски, уредник на Дојче веле, доколку трендот од првиот изборен круг продолжи и на 31 октомври, СДСМ ќе се најде пред суштинска дилема: да купува време и да се подготвува за опозиција или да ги игнорира резултатите и да се надева на пресврт. Од тој избор, додава Геогиевски, ќе зависи и одговорот на прашањето дали Заев ќе го исполни најважното ветување: „Режим никогаш повеќе!“
Политиколозите велат дека брзи предвремени избори во моментов не им одговараат ни на едните ни на другите, оти како што велат, разликата од 55.000 гласови повторно ќе донесе тенко парламентарно мнозинство. Но, тие додаваат дека идеално време за одржување предвремени избори е следната година, бидејќи и двете партии ќе добијат доволно време за да си ги поправат грешките.
Очекуван дебакл
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека многу работи придонеле за СДСМ да доживее дебакл на локалните избори, но како што посочува, ароганцијата на функционерите од оваа партија најмногу влијаела врз изборните резултати.
– Една од главните причини за дебаклот што го доживеа СДСМ на локалните избори е арогантното однесување на функционерите во изминатиот период, а голема улога игра и раздорот во самата партија. Едноставно, не смеете да си дозволите да имате лош однос со граѓаните кои ве гласаат, а уште помалку со граѓаните кои никогаш не ве гласале и треба да ги убедите да ве гласаат. Втора работа, не треба да си дозволите да им вршите притисок на вашите досегашни градоначалници кои одлучиле да настапат на изборите како независни кандидати. Притисоците и нападите што му ги правеше СДСМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се голема грешка и таа грешка им се удри од глава. Исто така треба да се спомне и лошата предизборна кампања, која, очигледно, не ги убеди граѓаните дека треба повторно да им ја дадат поддршката на социјалдемократите – објаснува Пекевски.
СДСМ ќе мора да си ги поправа грешките, да ја смири топката со Максим Димитриевски и да му се извини на „пркосниот“ Стојко Пауновски, а ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се потруди да зграби уште поголемо гласачко тело.
Тој вели дека граѓаните ја казнија владејачката СДСМ на локалните избори, но дека не ја наградија опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Ако добро ги анализирате резултатите од локалните избори, тогаш ќе забележите дека единствената казнета партија е СДСМ, додека, пак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ си остана со стабилен резултат. Исто така, излезноста беше премногу ниска, а тоа значи дека голем дел од граѓаните се разочарани од власта и дека воопшто не излегле да гласааат како што тоа го сториле на локалните избори во 2017 година. Разликата во гласовите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во моментов е околу 55.000, а таа бројка е доволна за партијата на Христијан Мицкоски да почне да размислува за формирање ново парламентарно мнозинство. Сепак, сметам дека набрзо нема да се случат предвремени парламентарни избори, затоа што, дури и да се случат, новото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу тенко. Но, сигурен сум дека следната година ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Во секој случај ќе биде интересно во следните месеци, бидејќи СДСМ ќе мора да си ги поправа грешките, да ја смири топката со Максим Димитриевски и да му се извини на „пркосниот“ Стојко Пауновски, а ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се потруди да зграби уште поголемо гласачко тело – објаснува Пекевски.
И аналитичарот Сашо Клековски смета дека парламентарното мнозинство во моментов е многу тенко и дека таквата состојба обезбедува потешкотии во работата, а како што вели, моќта на ВМРО-ДПМНЕ сега е многу поголема од моќта на СДСМ.
– Јас не верувам дека партијата на Зоран Заев сега би сакала предвремени парламентарни избори, освен ако не е во состојба да ги задржи ДУИ и Беса, а поради вториот круг од локалните избори во Тетово, тешко ќе биде да се задржат ДУИ и Беса на иста линија – изјави Клековски.
Народот е крив?!
Колумнистот Ивор Мицковски на владејачката партија ѝпорача дека е време да престане да ги плаќа ботовите на социјалните мрежи, а исто така посочува дека Заев успеал за 5 години да ја уништи сопствената партија во историски поволна ситуација, односно по режим и со огромна меѓународна поддршка.

– Да резимираме еден поразителен факт. Во 5 години си успеал да ја уништиш сопствената партија во историски поволна ситуација, после режим и со огромна меѓународна поддршка. Да ги оттуѓиш неопределените и независните, да ја нормализираш ВМРО-ДПМНЕ, да го спасиш ДУИ и да си накалемиш трета опција. На сето тоа, поради калкулантство, да се доведеш во ситуација каде во Тетово кого и да поддржиш, ќе платиш цена како Влада. Редок вид на политичко самоубиство. Најпаметно за владејачката партија ќе биде да престане да ги плаќа оние ботови на Твитер. Потоа, да тргне кон гасење на платеничките квазиновинари и сите што одработуваат по портали или на социјални мрежи. Голем дел од штетата ви доаѓа од таа расипана и нефукционална машина за лажен наратив кој никаде не пали, напротив, очајно базди на омраза, лаги, хајки и шиканирање. Да не зборуваме за тоа колку тезите се празни и навијачки: откачете ги и советниците кои ви ги формулираат и дистрибуираат. Излезете од црнилата и престанете да обединувате платеници и полтрони. Но, водата во уши е дотаму влезена што веќе се во лов на вештерки и продолжуваат да обвинуваат независни луѓе за нивните гревови. Тие се во стадиум на жртви, а тоа значи дека секој контакт со реалноста е изгубен – смета Мицковски.
Токму за новинарот Бранко Тричковски, кој важи за близок до владејачката структура, вината за лошите резултати на СДСМ на локалните избори е единствено кај народот.
„Народот без филозофија, без свесна историја, интелектуално мек, духовно страшлив, народот којшто ужива во чесната и честитата уметност што самиот си ја проектира, распекмезен народ на лирски стихоклепци, на фолклористи, пијанисти и глумци, тоа е мојот народ. Моето пишување имаше задача македонскиот човек да го извлече од сите второстепени стварности и да го соочи непосредно со двосмисленоста, да го турне во реалноста, па нека се снаоѓа како умее, сакав да му го растурам детството… Обаче, не! Народот ми покажа дека моите напори се залудни и дека тој во едно симпатично мнозинство си ја сака својата невиност. Но, не како радост, туку како инфантилност и неодговорност. Како моќ да седи на рингла вклучена на деветка. Е, па, океј, мој народе, што би рекла Валентина – седи си. И топи се. Кој те ебе“, напиша Тричковски.
Народот е во право и кога греши
Политикологот Петар Силјановски вели дека СДСМ загуби, но тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ победи.
– СДСМ изгуби, ама ВМРО не победи. На првиот круг на локалните избори се појавија тие 100.000 гласачи кои не гласаат редовно, не гласаат партиски, односно се појавуваат само како коректив на власта и гласаат контра. Тие ја казнија самобендисаноста, самоволието, неспособноста, го казнија рачето на срце, сервилноста кон ДУИ, Софија и кон Атина, го казнија односот кон Стојко и Максо, петгодишното ветување метла и камшик. Народот го казни горењето на 14 живи луѓе во Тетово, катастрофалното справување со короната, затварањето за Велигден, нацистичките аспирации на Мила, уништување на образованието, здравството… Народот е во право и кога греши – објаснува Силјановски.

Инфлуенсерот Божидар Божиновски вели дека воопшто не му е мило поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ се враќа на сцената, но дека се радува поради тоа што СДСМ ја губи моќта.
– Воопшто не ми е мило тоа шо ВМРО-ДПМНЕ се враќа, ама многу ме радува што СДСМ губи моќ. Ова не е шамар само за СДСМ, туку и доказ за тоа дека која и да е партија на власт, нема да биде толерирана да се однесува арогантно, да е неказнива и корумпирана, повторно да го партизира општеството. Уште подобро ќе е кога ќе излезат резултатите од советите каде што граѓанските листи и малите партии ќе почнат да им го рушат монополот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе нема потреба да се мали партии, туку партии во подем – смета Бижиновски.
Според колумнистот Златко Теодосиевски, резултатите од локалните избори не се изненадувачки и неочекувани.
„Треската од резултатите секако е гром од ведро небо за оние ’аналитичари‘ кои онака од височините на нивните лукративно заробени умови солеа памет за некаков разумен/рационален пристап на гласачкото тело, за убедлива победа, за прогрес. Сето тоа, дополнително надувувано со селските итроштини и вулгарните безобразлуци демонстрирани на партиските митинзи, уште еднаш и дефинитивно ни го покажа симулацискиот балон на власта и нејзината одлепеност од реалноста во земјата. И, се разбира, од самобендисаното секојдневно дување, балонот – пукна! Со сериозен тресок што навестува нови тектонски поместувања на македонската политичка сцена, но потенцијално прогнозира и многу грди нешта“, пишува Теодосиевски.