СО СУДСКА ОДЛУКА ЗАБРАНЕТ Е ШТРАЈКОТ ВО М-НАВ Барањата не се од работен однос, а е скокната и фазата на мирно решавање на спорот
Штрајкот беше најавен за 20 октомври во периодот од 10 до 15 часот, со затворање на македонскиот воздушен простор.
Генералниот штрајк во М-НАВ е привремено забранет, откако денеска Основниот граѓански суд во Скопје го усвои предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка – забрана, соопшти М-НАВ.
Генералниот штрајк го најавија Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје со образложение дека не се исполнети барањата од претходниот штрајк и ветувањата дека тоа ќе се направи.
„Со оваа Одлука, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос. М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија“, наведе во соопштението М-НАВ.
Штрајкот беше најавен за 20 октомври во периодот од 10 до 15 часот, со затворање на македонскиот воздушен простор.