СО СИТЕ СРЕДСТВА ПРОТИВ „БАНДИТИТЕ ОД КИЕВ“ Орбан го сoпре дизелот, на Украина брзо ќе ѝ снемаат пари?
Будимпешта се закани со остри економски мерки кон Украина и веќе го прекина извозот на дизел. Орбан предупреди дека Киев нема да може долго да издржи финансиски ако продолжи да го блокира транзитот на руската нафта.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави остри мерки против Украина поради спорот со испораките на руска нафта. Тој предупреди дека Будимпешта ќе ги употреби сите средства ако Киев не го деблокира транзитот преку нафтоводот „Дружба“.
Според Орбан, Унгарија нема да дозволи, како што рече, „уцени од Киев“.
Орбан порача дека Украина не може да ја уценува Унгарија, а истовремено да очекува поддршка од Будимпешта во Европската Унија.
– Украинците побрзо ќе останат без пари отколку Унгарија без нафта – нагласи унгарскиот премиер.
Киев ја сопре нафта, Будимпешта дизелот
Орбан изјави дека Унгарија веќе презела први чекори. Посочи дека е запрен извозот на дизел кон Украина.
– Го запревме извозот на дизел во Украина. Сè уште го одржуваме извозот на електрична енергија. Ќе ги запреме транзитните пратки што минуваат низ Унгарија, кои се важни за Украина, сè додека не добиеме одобрение од Украина за испорака на нафта – рече Орбан.
Според него нема технички пречки за испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.
„Имаме договор со Русите, Украинците се однесуваат како бандити“
Унгарскиот премиер остро го нападна украинското раководство. Тврди дека Киев ги прекршува меѓународните договори.
– Имаме договор со Русите, редовно плаќаме, а Украина со меѓународен договор се обврза дека ќе дозволи трансфер на нафта. Ова е однесување на бандити. Она што се случува денес е државен бандитизам – изјави Орбан.
Тој додаде дека Унгарија ќе мора да преземе соодветни мерки.
Кој ги задржа украинските банкари?
Во меѓувреме украинската влада упати контраобвинувања. Киев тврди дека унгарските власти задржале група украински банкарски службеници.
Според украинските власти, тие низ Унгарија пренесувале 35 милиони евра и 9 килограми злато.