СО ШТО И ЗА ШТО БУГАРИЈА ГИ ДРЖИ РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ И НЕГОВИТЕ СИВИ ЕМИНЕНЦИИ? Безобразно е ДУИ и социјалдемократите да зборуваат за селективна правда за Кочани, тврди Манасиевски
СДСМ уште еднаш потврди дека е истата онаа партија на Зоран Заев, која го прогласи Гоце Делчев за Бугарин, а македонскиот јазик за бугарски, изјави членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска остро го нападна СДСМ на прес-конференција, обвинувајќи ја партијата за поданички однос кон Бугарија и за „самопонижување на сметка на државните и националните интереси“.
Во својот говор, Манасиевски директно го поврза актуелното раководство на СДСМ со, како што рече, континуирано предавство на македонските позиции во однос на историските и јазични прашања со источниот сосед.
– СДСМ вчера уште еднаш потврди дека е истата онаа партија на Зоран Заев, која го прогласи Гоце Делчев за Бугарин, а македонскиот јазик за бугарски – изјави Манасиевски.
Тој праша „со што и за што Бугарија ги држи СДСМ и неговите сиви еминенции“ и обвини дека актуелното партиско раководство со „срамни изјави“ ги брани бугарските позиции, иако, како што рече, „секоја бугарска порака е закана со нови барања кон Македонија“.
– И покрај јавните изјави на ЕУ и на бугарското раководство, СДСМ слепо ги брани бугарските позиции со срамни изјави на понижување на сопствениот народ и држава. Нема бугарски политичар кој не стави јасно до знаење дека Бугарија планира да ја бомбардира Македонија со нови барања, само од СДСМ се однесуваат како ништо да не слушнале, ниту виделе. Очајно и мизерно е колку СДСМ може да го пробие секое дно, само за да ѝ се допадне на Бугарија, но останува да лебди прашањето – Зошто? Што е тоа што го тера во СДСМ да се понижува и да ја понижува државата? До кога ќе ги руши нашите позиции и до кога ќе ја срами државата? – додаде тој.
Во одговор на новинарско прашање за обвинувањата дека истрагата за случајот во Кочани се води селективно, Манасиевски возврати со остра реторика кон владејачките партии, велејќи дека тие „се синоним за предавства, криминал и неспособност“.
– Во историјата на Македонија немало акција каде што биле уапсени актуелен министер, актуелен градоначалник, поранешни градоначалници и министри во исто време – рече Манасиевски, алудирајќи на тековната истрага и на апсењата што ги спроведува Обвинителството.
Тој додаде дека е „брутално безобразие“ партиите СДСМ и ДУИ да велат дека има селективна акција истите тие чии претседатели се товареа со украдени пари.
– Венко Филипче не кажува дали има златна виза, а за Заев е познато дека има – изјави Манасиевски, посочувајќи и на случајот со модуларната болница, за кој, според него, никој не сносил одговорност.
– СДСМ сѐ повеќе тоне заедно со ДУИ во безличноста и во својата неспособност – заклучи тој.