СО СЕТО ЗНАЕЊЕ ЌЕ ГО НАПРАВАМ СКОПЈЕ МЕТРОПОЛА Арсовска ќе понуди програма на знаење и искуство
Арсовска вели дека во оваа градоначалничка трка влегла затоа што верува дека ги поседува сите оние квалитети коишто се неопходни и потребни за квалитетно менаџирање на градот.
На скопјани ќе им понудам програма која ќе биде различна од се она коешто е досега понудено и ќе се понуди од останатите кандидати, со поинаков и поиновативен пристап на кој ќе го води градот, а со своето знаење ќе допринесам Скопје да биде современа, европска метропола, изјави независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во Жешко политичко лето на Канал 5 телевизија.
– Јас политичар не сум и затоа мојот пристап ќе биде пристап на знаење, компетенции, базиран на сите мои меѓународни искуства коишто сум ги имала и имам како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. Планирам тие најдобри практики да ги имплементирам во градот, меѓутоа, во овој период секој ден имам средби со скопјани, со целни групи на граѓани коишто даваат свој личен печат во се она што треба да се имплементира во мојата програма за да биде една финална целина којашто ќе прерасне во програма на градот Скопје. Сакам да порачам дека сум отворена за сите и ќе бидам градоначалник на сите скопјани – рече Арсовска.
Арсовска се заблагодари на поддршката којашто во изминатиот период ја доби од скопјани и од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, дополнувајќи дека ги повикува и се надева на поддршката од Алијанса за Албанците и Алтернатива, од сите скопјани, но и од симпатизерите на СДСМ.
– Сакам да истакнам дека јас член на политичка партија досега не сум била, ниту сум и тоа се факти. Други факти поинакви од ова нема. Ја објавив својата кандидатура како независен кандидат којшто претендира да биде градоначалник на градот Скопје. Најважно од се, верувам дека ќе ја добијам поддршката на скопјани, а уште поважно, поддршката ја барам и од симпатизерите на СДСМ – вели Арсовска.
Таа додаде дека во оваа градоначалничка трка влегла затоа што верува дека ги поседува сите оние квалитети коишто се неопходни и потребни за квалитетно менаџирање на градот.